ДУИ, како што се наведува во рекацијата, отсекогаш била гаранција за слободни и демократски избори и нема никаква причина да се вклучи во „тајни планови“ или „хаос“, како што тврди Мицкоски
Денешните изјави на премиерот Мицкоски не се само чисти клевети и неуспешен обид да се сокрие кризата на легитимитет на неговата моноетничка влада, туку и опасни, реагираат од Демократската унија за интеграција. Според ДУИ, пораките на Мицкоски за тајно сценарио со СДСМ и предизвикување хаос на изборите претставуваат поттик за етнички судири. ДУИ, како што се наведува во рекацијата, отсекогаш била гаранција за слободни и демократски избори и нема никаква причина да се вклучи во „тајни планови“ или „хаос“, како што тврди Мицкоски.
„Наместо да измислува имагинарни непријатели, премиерот треба да објасни зошто неговата влада го крши Уставот, зошто ги дискриминира Албанците. Зошто, спротивно на Уставот и законот, го намали бројот на советници, зошто ја инструментализира ДИК, Уставниот суд и другите институции во служба на неговите партиски и моноетнички планови и зошто со секоја одлука ја враќа државата назад во времето пред 2001 година? ДУИ не може да остане рамнодушна кога се гази Охридскиот рамковен договор, кој е клучен за стабилноста на земјата и нејзината прогресивна иднина“,
се наведува во реакцијата на ДУИ.

Од ДУИ посочуваат дека е јасно кој со кого соработува, по вчерашната седница на ДИК, кога ВМРО и СДСМ, како што велат, ги здружија гласовите „за да го дискриминираат претставувањето на дијаспората во нашите општини“.
„Добро е ВМРО и СДСМ да ја прекинат нивната соработка на штета на Албанците и другите заедници, на штета на Охридскиот договор и спротивно на Уставот и законите. Октомвриските избори ќе бидат тест на граѓанската волја, ќе бидат референдум на кој граѓаните ќе ја казнат политиката на страв, манипулации, демонтажа на мултиетничката држава и поделби“,
додаваат од ДУИ.
Демократијата не се плаши од вакви невистинити изјави, додават од ДУИ и порачуваат дека ниту Албанците ниту Македонците не заслужуваат да бидат водени од клевети и лажни сценарија. А каде ќе биде ДУИ, како што велат, зависи единствено од народот.
Реакцијата на ДУИ следува по обраќањето на премиерот Христијан Мицкоски, кој кажа дека локалните избори нема да бидат вратата за влез на ДУИ во Владата. Според него, СДСМ и ДУИ имаат смислено и координирано сценарио за хаос, политичка магла и манипулации.