Под контрола е еден пожар и тоа во Општина Старо Нагоричане во атарот на селото Канарево каде гори ниска вегетација, а изгаснати се 13 пожари

Центарот за управување со кризи (ЦУК) вечерва соопшти дека до 21 часот на територија на целата држава регистрирани се 21 пожар на отворен простор, од кои активни се седум, еден е под контрола, а 13 изгаснати.
Меѓу седумте активни пожари е пожарот на територија на Општина Македонски Брод во повеќенаменското подрачје „Јасен“ каде гори мешана шума. Потоа, на територија на Општина Струга во атарот на селото Подгорци гори нискостеблеста шума. Во Општина Прилеп, во атарот на селото Беловодица на местото викано Ливада и кај селото Лењиште гори букова шума. Активен е и пожарот во Општина Долнени кај селата Стровија и Долгаец, гори мешана шума. Во Општина Росоман кај селото Дебреште опожарена е ниска вегетација. Ниска вегетација и нискостеблеста шума гори и во селото Душегубица во Општина Кичево. Последниот активен пожар е во Општина Студеничани кај Горно Количани и Драчевица – планински врв Китка, каде гори мешана шума.
Под контрола е еден пожар и тоа во Општина Старо Нагоричане во атарот на селото Канарево, гори ниска вегетација.
Претходно денеска, од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) информираа дека поради силен ветер влошена е состојбата со пожарот во „Јасен“. Оттаму додадоа дека надлежни екипи се на терен и се борат да го контролираат огнот кој брзо се шири.