Потпретседателот на ДУИ и актуелен кандидат за градоначалник на Чаир реагира на еден од насловите од утрешното издадени на магазинот „Фокус“, односно интервју со министерот за правда Игор Филков
Што конкретно говори Филков во интервјуто ќе треба да се почека примероците од изданието да се најдат на полиците на киосците и на другите продажни места, но според насловот, може да се претпостави дека поводот за разговорот и ставот на министер посочен на насловната страница доаѓаат по неизгласувањето на измените на Изборниот законик на итната седница на Собранието, одржана во саботата
Со ова се потврдува дека планот за демонтирање на Охридскиот договор се реализира чекор по чекор.
Ова е краткиот коментар на потпретседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), поранешен шеф на дипломатијата и актуелен кандидат за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, на еден од насловите од утрешното издание на магазинот „Фокус“.

Го објави вечерва на својот фејсбук-профил со исечок од насловот на кој се однесува неговиот коментар.
Магазинот, како што може да се види од насловната страница на утрешното издание, објавува интервју со министерот за правда Игор Филков.
Насловот на кој се однесува и коментарот на Османи е: „Бадентеровото мнозинство се злоупотребува, можеби е дојдено време да се ревидира“.

Што конкретно говори Филков, кој е кадар на партијата За наша Македонија – ЗНАМ на кумановскиот гардиначалник Максим Димитриевски, во интервјуто ќе треба да се почека примероците од изданието да се најдат на полиците на киосците и на другите продажни места.
Сепак, според насловот, може да се претпостави дека поводот за интервјуто и ставот на министерот посочен во насловот доаѓаат по неизгласувањето на измените на Изборниот законик на итната седница на Собранието, одржана во саботата.

За потсетување, во саботата законодавниот дом одржа седница на која точка на дневен ред беа измени на Изборниот законик. Целта беше да се регулира и бројот на потписи што треба да ги соберат независните кандидати за да може да учествуваат на избори.
Со 67 гласа „за“, 18 „против“ и ниту еден воздржан пратениците, при првото изјаснување, ги изгласаа овие измени.
Но, на гласањето според Бадентеровиот принцип тие не поминаа, бидејќи од пратениците од немнозинските заедници 11 гласаа „за“, а 18 беа „против“.
Измените, всушност, не поминаа зашто не ја добија поддршката од опозициската ДУИ и коалицијата што оваа партија ја предводи во парламентот.
Пратениците од „Европски фронт“ на седницата рекоа дека не биле консултирани за предлог-измените кои вообичаено се носат со консензус и тврдеа дека со законското решение се нарушуваат правата на нерезидентното население во земјава, односно на иселениците кои, како што рекоа, повеќето се Албанци.
На ова одговори сопартиецот на министерот Филков, координаторот на пратеничката група на ЗНАМ, Бобан Карапејовски, кој рече дека сè уште е на истото мислење од пред четири години дека не треба да се зголеми бројот на потписи за независните листи.
Дополнително тој кажа и дека, она што ќе се случи е, како што рече, една исклучително благородна идеја која се нарекува Бадентерово мнозинство, односно некој да не може да мајоризира некој друг што не е мнозинство во државата, да се злоупотреби.
Неизгласувањето на измените на Изборниот законик, денеска одговарајќи на новинарски прашања во Кочани го коментираше и премиерот Христијан Мицкоски.
„По дваесет години ДУИ е во опозиција и очигледно е дека се соочуваат со големи проблеми, па затоа се обидуваат со одредени трикови да направат притисок за повторно да бидат дел од Владата“,
рече премиерот.
Инаку, за помалку упатените, двојното или т.н. Бадентерово мнозинство е уставна категорија која во највисокиот правен акт на државата влезе со Охридскиот рамковен договор од 2001 година.
Според овој принцип, при одлучувањето за закони кои директно ги засегаат културата, употребата на јазиците, образованието, личните документи, употребата на симболите, мора да има и мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија. При одредени одлуки, се бара мнозинство од вкупниот број пратеници од немнозинските заедници или т.н. голем бадентер.