Двата најголеми туристички центри во земјава, Охрид и Дојран овој продолжен викенд се соочуваат со наплив од домашни туристи како во летна сезона.
На социјалните мрежи се споделуваат фотографии на кои се гледаат преполни шеталишта, а присутните се движат во поголеми групи и најчесто се без маски.

Причина за тоа е воведувањето на забраната за движење од 80 часа во Скопје, Тетово, Куманово и Штип со пошироките околина, поради што уште од вчера попладне колони возила беа забележани на излезите од Скопје кон овие две туристички места.
Локалните медиуми во Охрид пренесуваат изјави на загрижени жители кои стравуваат дека неконтролианата посета на гости од ризичните подрачја ќе го загрози и нивното здравје.

Како дел од мерките за заштита од епидемијата, хотелите не работат, а не се издаваат ниту приватнитекапацитети. Се претпоставува дека гостите во овие два града се сместуваат во сопствените викенд – станови и куќи или се на гости кај роднини и пријатели.

Ангажирана граничната полиција
Според информација од наплатните рампи на патарините, вчера од Скопје кон Велес поминале над 4.500 возила.

Градоначалникот на Дојран Анго Ангов за „Фокус“ изјави дека во градот се случува максимално непочитување на мерките, нешто невидено досега за Дојран. Според негова проценка има околу 15 000 посетители, а ангажирана е граничната полиција, за да се казнуваат оние кои се групираат и не носат маски.

Тој апелира да се почитуваат мерките и најави дека во текот на утрешниот ден општината ќе ангажира редари.