„СДС и Заев преку Димова и „Еразмус+“ доделија неверојатни 83 илјади евра за дресура на магариња“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Двесте и пет илјади евра од „Еразмус+“ завршија кај брат на пратеник на СДСМ за дресирање магариња и правење сирење, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Од владејачката партија обвинуваат дека СДСМ ја користеле Агенцијата за европски образовни програми како своја приватна фондација.
„Да ја потсетиме јавноста за скандалот во кој Димова и Заев доделија два проекти на братот на пратеникот Диме Велковски во висина од над 200 илјади евра. СДС и Заев преку Димова и „Еразмус+“ доделија неверојатни 83 илјади евра за дресура на магариња. Нешто невидено и невообичаено, но сепак за СДС и нивното владеење, ништо ново. СДС тука не запреа, покрај дресурата на магариња, доделија и дополнителни 125 илјади евра од Агенцијата Еразмус +, токму на братот на пратеникот Диме Велковски за проектот „Избери сирење’’,
кажа на прес-конференција Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Заев и СДСМ преку Димова се изживуваа и го цедеа буџетот на Агенцијата, проекти се делеа на ним блиски луѓе – судии, професори, браќа на пратеници, обвини Манасиевски.
„Ниту еден проект не помина незабележителен од страна на Европската заедница и од јавноста. Тоа говори дека СДС, Димова и Заев, не си ја вршеле чесно работата. Затоа е тука и обвинителството кое воедно повторно го повикуваме наместо да ги штити нивните платеници, да ја донесе конечно правдата во државата“
додаде Манасиевски.
На денешната прес-конференција од СДСМ обвинија дека ВМРО-ДПМНЕ ги штити злоупотребите во Агенцијата за спроведување на „Еразмус+“. Уште еднаш ја повикаа Владата да ја разреши в.д. директорката на Националната агенција за европски образовни програми повторувајќи дека таа била дел од скандал што го истражувала Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ).