Иницијативата продолжува со собирање потписи за да формира политичка партија

Граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ продолжува со собирање потписи за основање политичка платформа Независни заедно и покрај тоа што Државната изборна комисија (ДИК) вчера донесе правилник со кој се овозможува независните да учествуваат на локалните избори со собрани два граѓански потписи.
„Да, го намалија прагот за учество на изборите, но еве зошто ќе продолжиме да собираме потписи за основање политичката платформа Независни заедно. Овој правилник ќе важи само за овие избори. Не сакаме повеќе неизвесност ’пет до дванаесет’“,
се вели во објавата на „Шанса за Центар“ на нивната фејсбук-страница.
Оттаму велат дека ќе продолжи примената на членот од законот според кој независните групи ќе бидат претставени само со имињата на носителите на листите, наместо со називот на групата, односно ќе стои „група избирачи“ и името и презимето на носителот на листата.
Ова, според нив, отвора можност да се појават слични имиња со цел да се создаде забуна кај гласачите. Како пример посочуваат Билјана Ивановска и Билјана Ивановска, што, како што велат, веќе се случувало на претходни избори.
„Постои можност наместо јасна листа за гласање, да добиеме тетратка со голем број имиња, каде што партиите ќе бидат најгоре, а под нив ќе следуваат долги списоци со имиња“,
додаваат од Иницијативата.
Исто така, оттаму велат дека пристапот до медиумите, избирачкиот список и другите ресурси со кои располагаат партиите останува непроменет со што велат дека продолжува нерамноправноста.
Дека е можно на локалните избори да има километарски гласачки ливчиња предупредуваат и политичките аналитичари.
Тие велат дека на ливчињата ќе се најдат десетици различни кандидати за градоначалници и кандидатски листи за советници, на кои освен оние кои навистина имаат намера да успеат во изборната борба ќе бидат и оние кои само си тераат мајтап.
Тоа, според нив, ќе доведе до забуна кај многу гласачи, кои сè потешко ќе може да го најдат кандидатот за кој сакаат да гласаат.
ДИК вчера на седница со шест гласа „за“ и еден глас „против“ го донесе новиот правилник во кој се вели дека два граѓански потписа ќе бидат потребни за независните кандидати за советници и градоначалници да учествуваат на претстојните локални избори што треба да се одржат во октомври годинава.
Новиот правилник од ДИК следува откако минатата сабота на седница Комисијата усвои заклучок вон сила да се стави упатството на ДИК од 2024 година за регулирање на постапката за собирање потписи и начинот на определување на нотарите согласно Изборниот законик.
Како што рече претседателот на ДИК, Борис Кондарко тоа упатство се става надвор од сила поради одлуката на Уставниот суд да се укинат членови 61 и 62 од Изборниот законик во кои беше предвиден процентот на потписи за предлагање листи на група избирачи.
Предлог-законот за изменување на Изборниот законик во саботата не помина на собраниска седница. Иако со 67 гласа „за“, 18 „против“ и ниту еден воздржан пратениците, при првото изјаснување, ги изгласаа измените на Изборниот законик, чија цел беше да се регулира бројот на потписи што треба да ги соберат независните кандидати за да може да учествуваат на избори, подоцна на гласањето според Бадентер измените не поминаа – од пратениците од немнозинските заедници 11 гласаа „за“, а 18 беа „против“ (немаше воздржани).
Инаку, граѓанските иницијативи од платформата „Независни заедно“ минатата недела ја претставија Билјана Ивановска, поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата, како независна кандидатка за градоначалничка на Општина Центар.