Во краткото видео, што од ЦУК го испратија до медиумите, може да се види дека на теренот има интензивен оган од кој се издигнуваат високи пламени јазици и голем облак од чад
Пожарот кај селото Јажинце вечерва повторно е реактивиран, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Во краткото видео, што од ЦУК го испратија до медиумите, може да се види дека на теренот има интензивен оган од кој се издигнуваат високи пламени јазици и голем облак од чад.
Поради пожарот од Министерството за внатрешни работи велат дека сообраќајот на регионалниот пат Тетово-Јажинце е во прекин во двата правци.
Од МВР велат дека од селото Старо Село кон Јажинце со работни машини-багери ќе се врши ископ со цел да се спречи проширување на пожарот.
Оттаму апелираат до граѓаните да не тргнуваат кон овој патен правец се до нормализирање на сообраќајот, за што велат дека навремено ќе информираат.
За големиот пожар кај Јажинце, кој попладнево се разгоре, од ЦУК околу 18 часот, рекоа дека е ставен под контрола и оти на него било интервенирано и со „ертрактор“ и полициски хеликоптер.
Навремената реакција на терен, како што рекоа од ЦУК, овозможила ширењето на огнот да биде ограничено, со што е спречена поголема штета на инфраструктурата и имотот на граѓаните.
Од Министерството за внатрешни работи рекоа дека полицискиот хеликоптер исфрлил повеќе од 80 тони вода врз пожарот во Јажинце и Рогачево и тој бил ставен под контрола.
Инаку, поради пожарот попладнево беше затворен патот кон селото Јажинце и кон истоимениот граничен премин кон Косово.
Кратко потоа сообраќајот беше нормализиран, а „Јажинце“ отворен.