Трамп го пречека Путин, а додека рускиот претседател се приближуваше Трамп го поздрави со краток аплауз, по што следуваше ракување и краток разговор

Претседателите на САД и на Русија, Дoналд Трамп и Владимир Путин се сретнаа на аеродромот во Енкориџ пред да заминат на разговори во воздухопловната база „Елмендорф-Ричардсон“. Првата средба можеше да се следи на видеото што одеше во живо на Јутјуб каналот на Белата куќа. Трамп го пречека Путин, а додека рускиот претседател се приближуваше Трамп го поздрави со краток аплауз, по што следуваше ракување и краток разговор.
Потоа двајцата претседатели, движејќи се по црвениот килим, се упатија кон бината поставена на пистата каде уште еднаш се ракуваа за новинарските екипи, фоторепортерите и снимателите да можат да направат фотографии и снимки.
По ова двајцата претседатели заедно се качија во црн кадилак.
Инаку, средбата во формат „еден на еден“, што беше планирана меѓу претседателот на САД, Доналд Трамп, и рускиот претседател Владимир Путин, ќе вклучува и советници на двајцата претседатели, пренесува Си-ен-ен, повикувајќи се на информации од Белата куќа.
За билатералниот дел од разговорите, како што се наведува, на претседателот Трамп ќе му се придружат државниот секретар Марко Рубио и специјалниот пратеник Стив Виткоф.
Средбата, според најавите на портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, би можела да трае најмалку 6-7 часа.
Според него, Москва тргнува од претпоставката дека лидерите прво ќе имаат приватен разговор.