Од ЦУК велат дека до 18 часот активни се три пожари на отворен простор. Покрај тој кај селата Рогачево и Јажинце во Општина Јегуновце, сè уште гори и во повеќенаменското подрачје „Јасен“ во Општина Македонски Брод и кај селото Радово во Општина Босилово

Големиот пожар што избувна во атарот на селото Јажинце во Општина Јегуновце е ставен под контрола по брзата и ефикасна акција на сите надлежни служби, информираат попладнево од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Во гаснењето на пожарот биле вклучени пожарникари од Тетово, специјални екипи на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), а се интервенирало и со воздухопловна поддршка со „ертрактор“ и хеликоптер на Министерството за внатрешни работи (МВР).
„Навремената реакција на терен овозможи ширењето на огнот да биде ограничено, со што се спречи поголема штета на инфраструктурата и имотот на граѓаните“,
велат од ЦУК.
Оттаму додаваат е важна брзата координација и меѓусебната соработка на институциите во кризни ситуации.
Претходно од ЦУК информираа дека попладнево се разгоре пожарот кај селата Рогачево и Јажинце.
Поради тоа беше затворен граничниот премин „Јажинце“ кон Косово и патот до него, кој за кратко беше повторно отворен.
Од ЦУК ги повикаа граѓаните да ја избегнуваат областа и да ги ослободат патиштата за возилата на службите за итна интервенција да можат непречено да поминуваат.
Инаку, од ЦУК велат дека до 18 часот се активни три пожари на отворен простор. Покрај тој кај селата Рогачево и Јажинце во Општина Јегуновце, сè уште гори и во повеќенаменското подрачје „Јасен“ во Општина Македонски Брод и кај селото Радово во Општина Босилово.
Според информациите од ЦУК, изгаснати се седум пожари.