Попладнево се разгоре пожарот кај селата Рогачево и Јажинце, поради што е затворен граничниот премин „Јажинце“ кон Косово и патот до него. ЦУК ги повика граѓаните да ја избегнуваат областа и да ги ослободат патиштата, за возилата на службите за итна интервенција да можат непречено да поминуваат

Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира за голем пожар на отворено кај селото Јажинце, поради што е затворен патот кон истоимениот граничен премин кон Косово. Министерството за внатрешни работи (МВР) информира дека е затворен и самиот граничен премин „Јажинце“.
Фотографиите од пожарот што ги објави ЦУК се вознемирувачки. На нив се гледа интензивен оган од кој високо се издигаат пламени јазици и голем облак од чад.
Од ЦУК велат дека директорот Мухамед Али и командантот на противпожарната бригадата се на самото место и ги координираат напорите за спречување на понатамошното ширење на пожарот.

„Сите противпожарни екипи од Тетово и две специјализирани возила на Дирекцијата за заштита и спасување се на терен и работат на заштита на имотите од огнот. На пат кон интервенција се и авион ‘ертрактор’ на Дирекцијата за заштита и спасување и хеликоптер на МВР“,
соопшти ЦУК.
ЦУК ги повика граѓаните да ја избегнуваат областа и да ги ослободат патиштата, за возилата на службите за итна интервенција да можат непречено да поминуваат. На една од фотографиите што ги сподели ЦУК се гледа дека хеликоптер на МВР веќе дејствува на терен.

И од МВР известија за затворениот патен правец.
„Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека поради пожар во близина на Јажинце, прекинат е сообраќајот на патниот правец Тетово – ГП ‘Јажинце’ кај село Рогачево, во двата правци, а затворен е и граничниот премин ‘Јажинце’. Министерството за внатрешни работи во координација со другите надлежни институции презема мерки за гасење на пожарот. Апелираме до граѓаните да не тргнуваат кон ГП ‘Јажинце’ до гасењето на пожарот и нормализирање на сообраќајот, за што соодветно ќе ја информираме јавноста“,
соопшти МВР.