Претседателот на СУТКОЗ, Стојанче Кашиковски, изјави дека ако до утре не се најде решение, односно не им се исплатат платите, вработените и Синдикатот ќе одлучат дали да повикаат на штрајк на солидарност, најпрво со повик на вработените во „Паркови и зеленило“
Неисплатените плати за јуни и јули беа причина вработените во „Флораком“ и „Луна“ – фирми ќерки на Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ денеска повторно да излезат на протест, блокирајќи го булеварот „Илинден“.

Претседателот на Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва (СУТКОЗ), Стојанче Кашиковски, вели дека напорите да издејствуваат исплата на платите од страна на раководството на „Паркови и зеленило“ биле неуспешни. Дополнително, како што рече, вработените вчера биле соочени со притисоци од раководството на прептријатието да не излегуваат на протест.
„Ние како СУТКОЗ, кој е единствен репрезентативен синдикат за комунални дејности, од понеделник во судовите ќе поднесеме соодветни поднесоци, односно кривични пријави и тужби против директорот на ‘Паркови и зеленило’ поради тоа што со неисплатата на платите и со здравственото осигурување на вработение во овие две фирми и на нивните семејства им е загрозено здравјето и нивниот живот“,
изјави Кашиковски.
Одговарајќи на новинарско прашање, тој рече дека дел од вработените на „Флораком“ и „Луна“ во понеделникот имале краток состанок со директорот на „Паркови и зеленило“, на кој им било кажано да се стрпат оти нема пари.
„Доколку не се најде решение во текот на утрешниот ден, односно не им се исплатат платите, вработените ќе одлучат и ние како Синдикат, дали ќе повикаме на штрајк на солидарност. За почеток прво ќе ги повикаме вработените од ‘Паркови и зеленило’, а за понатаму ќе одлучиме“,
додаде претседателот на СУТКОЗ.