Русија им забранува на корисниците на Вацап и Телеграм да остваруваат повици во време кога владата активно промовира нова државно контролирана апликација за пораки (Макс), која ќе биде интегрирана со владини услуги и за која критичарите стравуваат дека би можела да ги следи активностите на нејзините корисници. Високи политичари веќе мигрираат кон Макс, повикувајќи ги своите следбеници да им се придружат
Апликацијата за разменување пораки Вацап ја обвини Москва дека се обидува да им го блокира пристапот до нејзините услуги на милиони Руси, ускратувајќи им го пристапот до безбедна комуникација.
Русија претходно соопшти дека започнала со ограничување на некои повици од Вацап и Телеграм, обвинувајќи ги странските платформи дека не споделуваат информации со властите во случаи на измами и тероризам. Услугите за текстуални и гласовни пораки во моментов сè уште се достапни.

Спорот меѓу Русија и странските технолошки платформи се интензивира по инвазијата на Украина во февруари 2022 година, при што Москва ги блокираше Фејсбук и Инстаграм и изрече стотици казни на платформи кои не ги почитуваа руските правила за онлајн содржина и прибирање на податоци.
„Вацап е приватен, целосно енкриптиран и се спротивставува на обидите на владата да им го прекрши правото на луѓето на безбедна комуникација, поради што Русија се обидува да го блокира за над 100 милиони Руси. Ќе продолжиме да правиме сѐ што можеме за да им овозможиме на луѓето насекаде енкриптирана комуникација, вклучително и во Русија“,
соопшти Вацап доцна во средата.
Апликацијата Телеграм, пак, која исто така е делумно суспендирана од Русија, соопшти дека нејзините модератори користат алатки за вештачка интелигенција за да ги следат јавните делови од платформата за да отстрануваат милиони злонамерни пораки секој ден.
„Телеграм активно се бори против штетната употреба на својата платформа, вклучувајќи повици за саботажа или насилство и измама“,
соопштија од апликацијата.
Русија им забранува на корисниците на Вацап и Телеграм да остваруваат повици во време кога владата активно промовира нова државно контролирана апликација за пораки (Макс), која ќе биде интегрирана со владини услуги и за која критичарите стравуваат дека би можела да ги следи активностите на нејзините корисници. Високи политичари веќе мигрираат кон Макс, повикувајќи ги своите следбеници да им се придружат.
Невладината организација „Хјуман рајтс воч“ во извештајот од минатиот месец изјави дека Русија прецизно ги проширува своите правни и технолошки алатки за да го издвои рускиот дел од интернетот во строго контролиран и изолиран форум.