МВР изрекло забрана за работа од 30 дена на „Супер возач“ поради нерегуларности во работењето. Истото министерство пред само три месеци му даде лиценца на „Супер возач“ врз основа на проценка дека ги исполнува сите услови за да работи
„Супер возач“, чиј газда е функционер на ВМРО-ДПМНЕ, ја доби лиценцата за оспитен центар во Пелагониско бидејќи од трката отпадна конкурентот СИЦ АМ. Тие не го исполнија условот да имаат полигон во Ресен бидејќи газдите на единствениот таков објект во овој град одбија да им го изнајмат како и на „Супер возач“. Комисијата за заштита од конкуренцијата деновиве донесе конечна одлука дека газдите на полигонот, инаку членови на потесното семејство Бузлевски од СДСМ, сториле прекршок бидејќи морале да им го изнајмат објектот и на двете фирми
„Испитниот центар нема да закажува и спроведува испити од 12.8.2025 година најдоцна до 13.9.2025 година“. Интегрално, ова е целото образложение кое го објави „Супер возач“, компанијата која неодамна го доби монополот да организира возачки испити на територијата на Пелагонискиот Регион, а чиј газда е локален функционер на ВМРО-ДПМНЕ од Кичево. Според упатени извори од МВР, казнети се со 30 дена забрана за работа поради нерегулаторности во постапувањето.

Забраната за работа доаѓа во исто време со одлуката на Комисијата за заштита на конкуренцијата во која практично се потврдува дека единствениот конкурент на „Супер возач“ за лиценцата за полагање испити бил противзаконски елиминиран од трката.
Тежок старт
Многумина млади, но и возачи што се подготвуваа за полагање за повисоките категории во Пелагонискиот Регион годинава мораа да плаќаат дополнителни пари за часови за да не заборават да возат. Или, пак, беа принудени повторно да вадат исти документи поради измината важност. Зошто? Затоа што од 15 декември 2024 година, па се до 13 мај 2025 година во Пелагонискиот Регион немаше лиценцирана фирма за полагање испити. На МВР му требаа пет месеци и два конкурса за да избере еден од двата апликанти – дотогашниот испитен центар АМ и новиот играч во дејноста, фирмата „Супер возач“.
Првиот конкурс пропадна бидејќи, според комисијата на МВР, ниту една од фирмите не ги исполнувала условите. Таквиот епилог го отвори логичното прашање, како дотогаш работела СИЦ АМ, ако не ги исполнувала условите? „360 степени“ бараше, но никогаш не доби одговори од МВР – која компанија, кои услови не ги исполнила.
При повторениот повик победи „Супер возач“. Проверките во Централниот регистар нè доведоа до заклучокот дека крајниот сопственик е кичевчанецот Филип Митрески. Станува збор за локален функционер на ВМРО-ДПМНЕ во Кичево. Иако го баравме за интервју и заминавме во Битола за да се сретнеме со него, на крај само писмено ни одговори дека тоа што ја добил лиценцата нема никаква врска со неговата партиска определба.

На нашите прашања, пак, поврзани со тоа што неговите компании се регистрирани само неколку месеци пред првиот конкурс за испитен центар и немаат никакво искуство во дејноста, тој ни одговори:
„Иако компанијата формално е регистрирана во 2024 г., тимот што стои зад неа е составен од професионалци со долгогодишно искуство во областа на возачки обуки, организација на испити и работа со институции од јавниот и приватниот сектор. Нашите раководители, контролори и претседатели на комисии поседуваат соодветни квалификации и практична експертиза, во согласност со законските критериуми за спроведување на испити за возачи“.
Два месеца по овие изјави, на интернет-страница на Испитниот центар „Супер возач“ пишува дека нема да работат во следниот еден месец.

Ги прашавме – зошто? Прашањата ги испративме на електронската пошта за контакт на испитниот центар. Одговор, до овој момент, не добивме.
Но, од добро упатени извори од МВР добивме информација дека „Супер возач“ добиле забрана за работа од 30 дена поради констатирани нерегуларности. Па, се обративме и формално до Министерството за внатрешни работи. До овој момент немаме одговор и оттаму. Ќе го објавиме штом го добиеме.
Злоупотреба на монополска позиција
Лиценците за испитни центри, во моментов, се издаваат со рок на важност од пет години. Ја добива само една фирма, за еден плански регион. Што значи, загарантиран монопол. Како што веќе објавивме, за лиценцата во Пелагонискиот Регион се тркаше и фирмата СИЦ АМ. На повторениот (втор) конкурс на кој победи „Супер возач“ тие беа елеминирани бидејќи не ги исполнувале условите. Конкретно, морале да имаат, а немале – свој полигон или договор за изнајмување на полигон на територијата на Ресен.

Во Ресен има само еден полигон. Тој е на Друштвото за обука на кандидати за возачи „Автошкола“ ДООЕЛ Здружение на возачи – Ресен. Сопственичка и управителка е Билјана Бузлевски, сопруга на Александар Бузлевски. Александар Бузлевски е кандидат на СДСМ за градоначалник на Ресен и син на Димитар Бузлевски, поранешен градоначалник на Ресен. Сето ова е важно затоа што газдите на полигонот во Ресен потпишале договор за изнајмување на објектот со фирмата на функционерот на ВМРО-ДПМНЕ од Кичево – „Супер возач“. Но, не му го изнајмиле објектот и на другиот конкурент на конкурсот, СИЦ АМ, со што практично пресудиле кој ќе ја добие лиценцата. Поради ова, од СИЦ АМ се жалеа пред Комисијата за заштита на конкуренцијата и деновиве добиле Конечно известување за утврдена фактичка состојба.
„360 степени“ имаше увид во документот. Во него се вели дека Здружението на возачи од Ресен на Бузлевска ја злоупотребило доминантната позиција и сторило потешки прекршоци. Толкувањето на Комисијата е дека полигонот е инфраструктурен објект/соодветна мрежа кој/а не може неоправдано да не се отстапи на друго правно лице за соодветен надомест.
„Како единствено правно лице кое има одобрение за исполнетост на услови за автосообраќаен полигон на територијата на градот Ресен… злоупотребувајќи ја својата доминантна положба на пазарот неоправдано одбил да му овозможи пристап во сопствената мрежа или други инфраструктурни објекти за соодветен надомест, па на АМ ДООЕЛ Битола му било оневозможено да дејствува како конкурент на дадениот релевантен пазар“,
пишува во дел од одлуката во која „360 степени“ имаше увид.
За полигонот во Ресен сега е одредена казна од 750 000 денари, или околу 12 000 евра, затоа што ја нарушиле конкуренцијата.
Казна, веќе напишавме, има и за Испитниот центар „Супер возач“. Затоа што не работеле како што треба.
Ни криви ни должни, сепак, најмногу се казнети кандидатите за полагање од Пелагонискиот Регион. Кој ќе одговара и за парите и за времето што го изгубија и го губат!?