Средбата ќе се одржи во Енкориџ, Аљаска, а според очекувањата на Белата куќа, ова ќе биде „вежба за слушање“
Средбата меѓу претседателот на САД, Доналд Трамп, и претседателот на Русија, Владимир Путин, најавена за в петок, ќе се одржи во Енкориџ, Алјаска, потврди денеска Белата куќа. Информацијата, како што пренесува Си-ен-ен, ја соопшти портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит на средба со новинарите. Таа посочи дека времето и плановите за евентуална заедничка прес-конференција се уште се договараат.
Белата куќа ја опиша претстојната средба како „вежба за слушање“, со што се чини се намалија очекувањата за мировен договор пред самитот.
„Ова е вежба за слушање за претседателот. Само една страна што е вклучена во оваа војна ќе биде присутна, па затоа претседателот треба да оди и да стекне поцврсто и подобро разбирање за тоа како би можеле да ја завршиме оваа војна. Состанокот лице в лице, наместо разговор по телефон, ќе му даде на претседателот најдобар показател за тоа како да се стави крај на војната и во која насока се движат работите“
изјави Ливит.

Вчера претседателот Трамп рече дека средбата ќе биде можност да ги испита намерите на рускиот претседател за завршување на војната во Украина, додавајќи дека ќе бидат потребни дополнителни состаноци за да се постигне конечен мировен договор. Тој кажа и дека во првите две минути од средбата со Путин ќе знае дали може да се постигне договор.
Сигнализираше дека Зеленски нема да учествува на средбата иако најави дека планира да му се јави веднаш по состанокот, заедно со други европски лидери, за да ги информира за состанокот со Путин.
Трамп додаде дека неговата крајна цел е да ги седне Путин и Зеленски на заедничка маса за да ги решат своите разлики велејќи дека единствено тие ќе можат да најдат начин да ја завршат војната – речиси сигурно со некаква размена на територии меѓу нив.