Американскиот претседател рече дека средбата ќе биде можност да ги испита намерите на Путин за завршување на војната во Украина, додавајќи дека ќе бидат потребни дополнителни состаноци за да се постигне конечен мировен договор
Најверојатно во првите две минути од средбата со рускиот претседател Владимир Путин ќе знам дали ќе може да се постигне договор – изјави претседателот на САД, Доналд Трамп, во пресрет на средбата на двајцата лидери која е закажана за 15 август во Алјаска.

Рече дека средбата ќе биде можност да ги испита намерите на рускиот претседател за завршување на војната во Украина, додавајќи дека ќе бидат потребни дополнителни состаноци за да се постигне конечен мировен договор.
„Мислам дека ќе биде добро. Но, можеби ќе биде лошо. Можеби ќе си заминам и ќе кажам ‘со среќа’, и тоа ќе биде крајот. Можеби ќе кажам дека ова нема да се реши“,
изјави Трамп пред новинарите во Белата куќа.
Сигнализираше дека Зеленски нема да учествува на средбата иако најави дека планира да му се јави веднаш по состанокот, заедно со други европски лидери, за да ги информира за состанокот со Путин.
Трамп додаде дека неговата крајна цел е да ги седне Путин и Зеленски на заедничка маса за да ги решат своите разлики велејќи дека единствено тие ќе можат да најдат начин да ја завршат војната – речиси сигурно со некаква размена на територии меѓу нив.