Партијата истакнува дека во институции како М-НАВ, Министерството за одбрана, ЕЛЕМ и други, се вработувале синови, ќерки, зетови, снаи, братучеди и други роднини на партиски функционери

СДСM е синоним за партиски вработувања по државни институции – се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ откако денеска од опозициската партија обвинија за партизација на институциите.
Во соопштението, ВМРО-ДПМНЕ набројува примери на вработувања на роднини и блиски соработници на функционери на СДСМ и ДУИ, особено во периодот додека тие биле на власт.
Партијата истакнува дека во институции како М-НАВ, Министерството за одбрана, ЕЛЕМ и други, се вработувале синови, ќерки, зетови, снаи, братучеди и други роднини на партиски функционери.
Во списокот ВМРО-ДПМНЕ ги споменува синот на пратеничката Шпреса Кадри, Ветон Кадри, зетот на екс-министерката Рената Дескоска, Николче Тасески, синот на Стевчо Јакимовски, братучетката на Јагода Шахпаска, сестрата на Бујар Османи, снаата на Артан Груби, бројни роднини на пратеничката Мира Стојчевска, на Талат Џафери, Крешник Бектеши, Костадин Костадинов, Александар Кирацовски и други.
„Исто така, да потсетиме дека во нивно време, за да се влезе на работа во Министерството за одбрана, по социјални мрежи СДС повикуваше дека прво мора да поминат во општинскиот штаб и таму да се пријават за да влезат на конкурс и да добијат вработување“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во соопштението се наведува дека пред формирањето на техничката влада минатата година, СДСМ и ДУИ распишале конкурси за 2 200 вработувања, со што, според ВМРО-ДПМНЕ, сакале да направат изборен поткуп.
Партијата заклучува дека СДСМ нема кредибилитет да говори за партиски вработувања, а во однос на М-НАВ, тврди дека таму се работи професионално, „исклучиво по стандарди и прописи“.
Опозициската СДСМ денеска ја обвини владејачката ВМРО-ДПМНЕ за невидена партизација на државните институции пред претстојните избори.
Според СДСМ, вработувањата се вршат исклучиво за партиски подобни лица, што, како што велат оттаму, ја уништува надежта на младите дека може да се вработат според квалификации и знаење.
СДСМ тврди дека стручни и квалитетни кандидати се отфрлаат, а местата се пополнуваат со партиски подобни лица. Како пример наведуваат и партизација на позициите за лични асистенти за деца со посебни потреби.