Оттаму наведуваат дека и една од причините за именувањето на Трајко Славевски за гувернер била токму неговото ветување дека ќе ги отстрани сите пречки за влез на Алта банка на домашниот пазар, и покрај предупредувањата на професионалците во Народната банка за ризиците што тоа ги носи за финансискиот углед на државата во очите на европските авторитети

Навлегувањето на Србија во банкарскиот сектор преку „Алта банка“ не е само обична финансиска инвестиција, туку структурирана политичка и економска операција на Белград за обезбедување стратегиска контрола врз клучните институции на државата, со активна вклученост на владините партнери, вклучувајќи го и ВЛЕН, реагираат од Демократската унија за интеграција (ДУИ).
„Демократската унија за интеграција изразува длабока загриженост за забрзувањето на продорот на ‘српскиот свет’ во Северна Македонија, кој по српски ‘Телеком’, сега силно навлегува и во банкарскиот сектор преку Алта банка’. Извори од Народната банка информираат дека управувањето со Алта банка во Македонија се очекува да го преземе поранешната членка на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и поранешна вицегувернерка, Маја Кадиевска-Војновиќ, блиска соработничка на премиерот во областа на економијата. Нејзиното назначување е резултат на личното лобирање на Мицкоски кај Александар Вучиќ, со што банката директно се поврзува со политичките структури на Србија“,
велат од ДУИ.
Оттаму наведуваат дека и една од причините за именувањето на Трајко Славевски за гувернер била токму неговото ветување дека ќе ги отстрани сите пречки за влез на Алта Банка на домашниот пазар, и покрај предупредувањата на професионалците во Народната банка за ризиците што тоа ги носи за финансискиот углед на државата во очите на европските авторитети.
„Оваа интервенција е дел од истата стратегија која ДУИ ја има јавно осудено: приоретизирање на врските со Белград и источниот блок, посетите на личности со проруски ставови како Милорад Додик, промовирање на Коридорот 10 наместо Коридорот 8, вклучување на српски верски претставници во државни активности и донациите со српско потекло во државата. Сега, со заземањето на банкарскиот сектор, ‘Српскиот свет’ ќе има можност да ги финансира бизнисите блиски до власта, вовлекувајќи ги во уште поголеми корупциски шеми и правејќи ги зависни од интересите на Белград“,
велат интегративците.
Од ДУИ реагираат и дека институциите кои треба да ја штитат националната безбедност молчат или се дел од овој процес.
„Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност, кои треба да алармираат за ризиците, се претворени во интерни или политички контролирани структури. Претседателката и нејзиниот кабинет, наместо да го штитат државниот интерес, минимизираат или шират лажни вести за да ја прикријат вистинската природа на оваа операција. ДУИ повторно потврдува дека Северна Македонија не смее да дозволи стратешките сектори на државата да станат сопственост на ‘Српскиот свет’ и неговите дестабилизирачки интереси. Нашиот финансиски интегритет и евроатлантската ориентација не се преговараат“,
се наведува во соопштението на ДУИ.
Како што објавија дел од медиумите, Стопанска банка АД Битола е на пат да добие нов сопственик – српската Алта банка. Овој потег е дел од пошироката регионална стратегија на Алта банка за проширување и модернизација.
Како што објави порталот „Пари“, Управниот одбор на Стопанска банка Битола добил официјално известување за намерата да се даде понуда за преземање од „Алта груп“. Откупот би се извршил по износ од 3 777 денари за акција. Малата банка од Битола има издадено 390 977 обични акции, а за нив „Алта груп“ би платила околу 24 милиони евра.