Спогодбата има за цел да ги зајакне економските врски меѓу двете земји по децении конфликт и вклучува ексклузивни права на Соединетите Американски Држави за развој на стратешки транзитен коридор низ Јужен Кавказ

Мировен договор меѓу Ерменија и Азербејџан, што се смета за историски, беше потпишан за време на состанокот меѓу ерменскиот премиер Никол Пашинјан и азербејџанскиот претседател Илхам Алиев со американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа.
Спогодбата има за цел да ги зајакне економските врски меѓу двете земји по децении конфликт и вклучува ексклузивни права на Соединетите Американски Држави (САД) за развој на стратешки транзитен коридор низ Јужен Кавказ, наречен „Трампова рута за меѓународен мир и просперитет“.
Претседателот на САД потпиша и посебни договори со двајцата лидери за енергија, технологија, економска соработка, гранична безбедност, инфраструктура и трговија. Ова директно го зголеми влијанието на САД во сферата на интерес на Русија.
„35 години смрт и омраза ќе бидат заменети со љубов, почит и меѓусебен успех. Мислам дека ништо не може да го засени овој мировен договор. Наместо војна, во која толку многу луѓе страдаа и загинаа, ќе има голем мир“,
рече Трамп.
Ерменија и Азербејџан се во конфликт од крајот на 1980-тите години околу азербејџанскиот регион Нагорно-Карабах, кој долго време беше контролиран од Ерменците, но Азербејџан ја врати контролата врз целата област со офанзиви во 2020 и во 2023 година.