Разрешената министерка за труд и социјална политика повторно се жали на антисемитски напади, но тврди и дека ја следат и фотографираат луѓе со качулки, дека возила ѝ го пресекуваат патот, дека ѝ ѕвонат на врата рано наутро…
Рашела Мизрахи, кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ за пратеничка и поранешна министерка за труд и социјална политика во техничката Влада, пријавила денеска во полиција дека од нејзиниот избор во владиниот кабинет, па се досега, добива пораки со навредлива и заканувачка содржина на нејзиниот фејсбук профил.
Според полициски извори, Мизрахи пријавила дека пораките што ги добивала како коментари на нејзини објави на фејсбук почнале да стигнуваат на 7 јануари, односно откако четири дена претходно беше избрана за член на техничката влада. Таа посочила неколку профили од кои и стигнувале коментарите, во кои, како што навела, имало и закани по нејзиниот и животот на членови на нејзиното семејство, како и пораки со антисемитска содржина. За еден од профилите од кои ги добивала коментарите посочила дека не е во можност да достави принт скринови како доказ, затоа што пи-ар тимот, на нејзино барање, ги бришел сите недолични пораки со антисеметска и фашистичка содржина.
Мизрахи се пожали на фејсбук и дека антисемитизмот и вербалните напади преминале во писмени закани, следење, пречекување пред влезот во кој живе и тропање по влезната врата од нејзиниот дом во раните утрински часови.
„Денес зборувам затоа што ми е доста од луѓе со качулки кои ме пресретуваат и фотографираат, луѓе кои со возила ми го пресекуваат патот, па бегаат, доста ми е од вашата монструмска желба да демонстрирате сила со викање, претење и силеџиство по семафори. За сите овие настани се информирани надлежните институции. Велевте рушиме режим, а вистината е дека воведовте режим. Ветувавте живот, а донесовте понор, пропаст, сиромаштија, распад“,
пишува Мизрахи на фејсбук.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски синоќа, исто така, тврдел дека Мизрахи се соочува со закани, како што јави репортерката на Телма, која известуваше од инцидентот на Боемската улица во Дебар Маало во Скопје, каде што опозицискиот лидер беше „уловен“ во внатрешниот дел на кафеана, спротивно на протоколите за заштита од коронавирусот.
Новинарката на Телма, во јавување во живо од местото на настанот, рече дека телефонски разговарала со Мицкоски кој ѝ кажал дека е во близина на Дебар Маало, но дека се подготвува да тргне кон домот на Мизрахи, затоа што добиле информации за инцидент со поранешната министерка за труд и социјална политика.
Мизрахи беше разрешена од министерското место непосредно пред распуштањето на парламентот, кон средината на февруари годинава, поради јавни настапи пред табла со старото уставно име на државата, со што предизвика реакции и од официјална Атина.
