Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, посочи дека селекцијата на кандидатите понатаму ќе продолжи во локалните територијални противпожарни единици и во ДЗС, а најдобрите од нив ќе добијат можност за вработување
Вкупно 352 кандидати успешно ја завршија дводневната обука во рамките на владиниот јавен повик за превенција од пожари во државата.

Според најавите на директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, тие утре ќе потпишат договор за работно ангажирање за јавни работи со Агенцијата за вработување, каде што како партнер се јавуваат и ДЗС и општините вклучени во мерката.
„На јавниот повик на Владата во врска со активната мерка од оперативниот план за 2025, јавни работи за заштита и превенција од пожари и оплеменување на животната средина на локално ниво (пошумување) се пријавија вкупно 499 кандидати. Од нив на обуката се појавија 364 кандидати, а 352 кандидати успешно ја завршија дводневната обука во организација на Противпожарниот сојуз на Македонија“,
изјави директорот на ДЗС.
Ангелов посочи дека селекцијата на кандидатите кои успешно ја завршиле обуката понатаму ќе продолжи во локалните територијални противпожарни единици, а за оние кои се од Скопје во рамки на ДЗС. Најдобрите од нив ќе добијат можност за вработување во противпожарните единици, а дел од нив во ДЗС во рамки на новата специјална единица за заштита и спасување која е во фаза на формирање.