Во телефонски разговор со европските лидери, известува Си-ен-ен, американскиот претседател рекол дека сака наскоро да се сретне со Путин, по можност веќе следната недела, а потоа да имаат тројна средба, заедно со украинскиот претседател Володимир Зеленски

Американскиот претседател Доналд Трамп ја пофалил денешната средба на неговиот специјален пратеник Стив Виткоф со рускиот претседател Владимир Путин, нарекувајќи ја „многу продуктивна“, и рекол дека е отворен за средба со Путин веќе следната недела, објави Си-ен-ен повикувајќи се на повеќе извори. Сепак, додава медиумот, најавените нови санкции на САД кон Русија ќе почнат да важат од петок, како што соопштила Белата куќа.
Трамп напиша на социјалните мрежи дека „бил постигнат голем напредок“ на средбата, додавајќи дека веќе ги информирал некои од европските сојузници на САД за неа.
Во телефонски разговор со европските лидери, известува Си-ен-ен, американскиот претседател рекол дека сака наскоро да се сретне со Путин, по можност веќе следната недела, а потоа да имаат тројна средба, заедно со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Ова за американската телевизија го потврдиле два извора запознаени со овој телефонски разговор, како и еден извор од европска влада што била вклучена.
Како што пренесува Си-ен-ен, официјален извор од Белата куќа рекол дека иако Трамп би сакал да се сретне со Путин веќе следната недела, би било тешко да се организира средбата за толку кратко време, со оглед на преговорите што треба да се направат и логистичките пречки.
„Русите изразиле волја да се сретнат со претседателот Трамп, а претседателот е отворен за средби и со претседателот Путин и со претседателот Зеленски. Претседателот Трамп сака оваа брутална војна да заврши“,
изјавила за Си-ен-ен портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит.
Средбата меѓу Путин и Виткоф, која според известувањата во руските медиуми траела три часа, се случи откако Трамп постави рок до Москва да прифати прекин на огнот или да се соочи со тешки второстепени санкции, односно воведување царини до 100 проценти кон земјите што купуваат руска нафта. Извозот на нафта и гас е клучен извор на приходи за Кремљ и претставува околу четвртина од рускиот владин буџет, што значи дека губењето купувачи би било удар за Москва и за нејзината способност да продолжи да ја финансира војната во Украина.
Си-ен-ен известува дека официјално лице од Белата куќа соопштило оти второстепените санкции сепак се очекува да бидат воведени во петок.