Од партијата прашуваат дали и другите кандидати за градоначалници ќе бидат примени во Министерството или, пак, оваа услуга е резервирана само за членовите на ВМРО-ДПМНЕ

Откако денеска министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска објави дека во нејзиниот кабинет имала, како што рече, пријателска и конструктивна средба со Сотир Лукровски, кандидат за градоначалник на Општина Карпош, и со пратеникот Тони Јаревски, попладнево од опозициската СДСМ ја обвинија дека го злоупотребува Министерството за финансии за партиски цели, тврдејќи дека го претворила во „штаб на ВМРО-ДПМНЕ“.
Во соопштението за јавноста, СДСМ наведува дека министерката во текот на работното време, во својот кабинет, примила и промовирала кандидат за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ. Тие посочуваат дека Димитриеска-Кочоска самата се пофалила со ова на социјалните мрежи, третирајќи го како дел од нејзините работни обврски.
„Наместо да се справува со инфлацијата, дефицитот и економскиот хаос кој го создава нејзината влада, Димитриеска-Кочоска води кампања за ВМРО-ДПМНЕ, од државна функција, со државна плата и во државни простории“,
се вели во соопштението.
СДСМ смета дека „мешањето на партијата и институциите беше и останува заштитен знак на владата на Мицкоски“.
„Министерството за финансии, кое треба да биде симбол на одговорност и неутралност, станува алатка за партиски цели и кампањи“,
додаваат од СДСМ.
Од партијата прашуваат дали и другите кандидати за градоначалници ќе бидат примени во Министерството или, пак, оваа услуга е резервирана само за членовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ ја осудуваат постапката и упатуваат повик до надлежните институции да реагираат.
СДСМ во соопштението предупредува дека ВМРО-ДПМНЕ „ја партизира секоја институција до која ќе дојде, по секоја цена и без срам“.