Оттаму повторија дека во координација со скопското јавно обвинителство постапуваат во врска со националистичките скандирања на вчерашниот натпревар Шкендија-Карабах одигран на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје
Говорот на омраза ќе биде најстрого санкциониран оти на трибините има место само за спортско навивање – велат попладнево од Министерството за внатрешни работи (МВР) по двата последователни спортски натпревари во Куманово и Скопје кои беа проследени со навредливи и националистички скандирања од трибините.

„МВР во континуитет апелира до сите граѓани и членови на навивачки групи да ги бодрат своите спортски клубови, да навиваат спортски, исклучиво во спортски дух, без говор на омраза, без било какви навреди по лична, етничка, верска или било која друга припадност што не соодветствува на спортски натпревари и е спротивно на законот“,
велат од Министерството.
Оттаму повторија дека во координација со скопското јавно обвинителство постапуваат во врска со националистичките скандирања на вчерашниот натпревар Шкендија-Карабах одигран на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.
„До Обвинителството е доставено известување врз основа на веќе утврдениот материјал, по што МВР ќе постапува согласно своите надлежности во координација со ОЈО и за било какви утврдени законски прекршувања ќе следуваат соодветни поднесоци, за што јавноста навремено ќе биде информирана“,
додаваат од МВР.
Потсетуваат дека за навредливите скандирања на кошаркарскиот натпревар меѓу Македонија и Романија одигран во Куманово неколку лица се повикани на разговор во станица, а едно лице е приведено.
„Во рамки на обезбедувањето на мирни и непречени спортски натпревари, како во минатото така и сега и во иднина, полицијата ќе биде крајно ригорозно по однос на било какви нарушувања на јавниот ред и мир, односно било какви навредливи скандирања и друг начин на ширење на говор на омраза“,
посочуваат од Министерството за внатрешни работи.