Крајбрежната стража на САД вели дека компанијата користела тактики на заплашување за да избегне регулаторен надзор и целосно ги игнорирала клучните проверки. Подморницата „Титан“ имплодираше 90 минути по нурнувањето во јуни 2023 година, при што загинаа пет лица

Компанијата „Оушнгејт“ е прогласена за виновна за повеќекратни пропусти поради кои се случила имплозијата на приватната подморница „Титан“ во која загинаа пет лица за време на разгледувањето на остатоците од бродот „Титаник“ во 2023 година, соопшти американската крајбрежна стража.
Таа ги критикуваше речиси сите аспекти од работењето и управувањето на „Оушнгејт“ наведувајќи повеќе фактори што довеле до неуспехот на „Титан“.
„’Оушнгејт’ имаше критично недоволни безбедносни практики и токсична култура на работното место“,
се вели во извештајот за компанијата што управуваше со „Титан“.
Крајбрежната стража на САД вели дека компанијата користела тактики на заплашување за да избегне регулаторен надзор и целосно ги игнорирала клучните проверки.
Извршниот директор, Стоктон Раш покажал небрежност што придонела за смртните последици, заклучи крајбрежната стража, додавајќи дека тој би бил обвинет доколку ја преживеал несреќата.
Семејствата на дел од жртвите рекоа дека никаков извештај не може да го промени трагичниот исход од несреќата и повикаа на значајни реформи.
Подморницата „Титан“ имплодираше 90 минути по нурнувањето во јуни 2023 година, при што загинаа пет лица.