Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, вели дека сè уште верува во институциите, а последната одлука на обвинителството да ја отфрли кривичната пријава против него е доказ дека вистината излегла на видела.
Обвинителството соопшти дека не нашло кривични дејствија во пријавата што СВР Куманово ја достави против градоначалникот Димитриевски и раководителот на Центарот за управување со кризи од Куманово, кој воедно е член и на општинскиот кризен штаб.
Кривичната пријава од страна на СВР Куманово беше поднесена на 24 април 2020 година против две лица, со наводи дека лицата за време на епидемија на опасната заразна болест постапиле спротивно на здравствените прописи, на начин што откако претходно биле тестирани и им било дијагностицирано присуство на вирусот ковид-19, по што добиле и решенија за задолжително домашно лекување и изолација, се упатиле на тестирање во Скопје во три приватни лаборатории – иако не смееле да го напуштаат просторот каде биле сместени.
„Верував и сè уште верувам во институциите и непристрасните професионалци во системот. Убеден сум дека вистината за овој монтиран случај излезе на виделина. Ќе ги преземам сите активности предвидени со закон да се лоцираат одговорните лица во постапката кои од нив познати мотиви ги злоупотребија сопствените службени овластувања и креираа случај за наводно сторено кривично дело кое имаше за цел јавно да ме девалвира и дискредитира и да ја искриви вистината“,
напиша Димитриевски на Фејсбук.
Тој вели дека ова не е прв случај во кој МВР и други државни институции се користат за политички пресметки, вршење на притисок и раскусурувања со неистомисленици.
„Сè уште го очекувам извештајот од инспекцискиот надзор на ДСЗИ кој до ден денешен остана тајна и за мене и за јавноста (по одлуката на обвинителството извештајот е беспредметен). Во следниот период ќе излезам со дополнителни правни дејствија кои ќе бидат преземени од мојот адвокатски тим а до тогаш останувам посветен на борбата против ковид-епидемијата и развојот на Општина Куманово како мој врвен приоритет“,
вели Димитриевски.
Тој додава дека во минатото во неколку наврати бев предмет на оградување и прозван од раководството на мојата партија СДСМ, не сакајќи да наруши ничиј авторитет и да наштети на сопствената партија тогаш премолчил, вели тој, иако верувал во вистината.
„Тие избрзани и несреќни изјави се минато но најмалку што очекувам е извинување и поддршка за расчистување на случајот до крај“,
вели Димитриевски.
Од основното јавно обвинителство Куманово соопштија дека донеле решение за отфрлање на кривичните пријави поради тоа што не се утврдени елементи на сторени кривични дела кои се гонат по службена должност.
