Палестински претставници и претставници на ОН предупредуваат дека на палестинската енклава ѝ се потребни 600 камиони хуманитарна помош дневно за да ги задоволи основните потреби на своето население. Израел дозволил таков број пред војната

Израел ќе дозволи постепен и контролиран влез на стока во Појасот Газа преку локални трговци, објави денеска неговата воена агенција која управува со хуманитарната помош.
Израелската агенција за координација на владините активности на териториите (КОГАТ) соопшти дека владата одобрила механизам со кој ќе се зголеми количината на хуманитарна помош така што ќе се дозволи стоката да влегува во Газа преку приватниот сектор.
Агенцијата соопшти дека ова се однесува на основни прехранбени производи, детска исхрана, овошје и зеленчук и хигиенски средства.
„Целта е да се зголеми обемот на помош што влегува во Појасот Газа, а воедно да се намали зависноста од помошта собрана од Обединетите нации и меѓународните организации“,
соопшти КОГАТ.
Ројтерс пишува дека сè уште не е јасно како би функционирале овие операции, со оглед на уништувањето на Газа.
Палестински претставници и претставници на ОН предупредуваат дека на палестинската енклава ѝ се потребни 600 камиони хуманитарна помош дневно за да ги задоволи основните потреби на своето население. Израел дозволил таков број пред војната.
Фотографиите и видеата од гладни Палестинци, вклучувајќи и деца, го шокираа светот во последните недели, како и видеото од гладен израелски заложник објавено од Хамас во неделата.
Како одговор на меѓународните критики, Израел минатата недела објави чекори за зголемување на помошта за Газа, како што се делумни прекини на огнот, дозволување воздушни транспорти и заштита на коридорите за снабдување.
Хамас објави дека е подготвен да се координира со Црвениот крст за доставување помош на заложниците во Газа, доколку Израел ги отвори коридорите и ги запре воздушните напади за време на дистрибуцијата на помошта.
Обединетите нации проценуваат дека Израел убил повеќе од илјада луѓе додека барале храна, повеќето од нив во близина на дистрибутивните центри.