Од Министерството велат дека веднаш по добивањето на веста, Амбасадата стапила во контакт со семејството на Чифлиганец

Дипломатско-конзуларното претставништво во Прага е во постојана комуникација со семејството на починатиот македонски државјанин Д.Ч. кој им подлегнал на повредите здобиени во тешка сообраќајна несреќа со мотор која се случила на 2 август, информираат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
„Информацијата за сообраќајката, во која Д.Ч. се здобил со тешки повреди и бил пренесен во болница, е доставена до Амбасадата на 2 август. Веднаш по добивањето на веста, Амбасадата стапила во контакт со семејството на повредениот. На 3 август, од страна на семејството, Амбасадата е информирана дека Д.Ч. им подлегнал на повредите“,
се вели во соопштението од Министерството.
Оттаму додаваат дека се во постојана комуникација со семејството на починатиот со цел да се завршат сите потребни формални постапки и да се организира пренесувањето на телото во земјава.
Инаку, станува збор за бизнисменот Душко Чифлиганец, син на познатиот бизнисмен Ванчо Чифлиганец и заменик претседател на „Адора бизнис групација“.
Несреќата, во која Чифлиганец прво бил сериозно повреден по пад од мотор, а кој подоцна им подлегнал на повредите во болница, се случила во Брно, Чешка.
Освен по активното работење во семејните фирми, тој е познат и по неговата пасија за спортскиот моторциклизам, за што има освојувано и престижни награди.