Претседателот на САД повторно предупреди дека ќе воведе санкции ако Москва не се согласи на прекин на огнот до 8 август
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека неговиот специјален пратеник Стив Виткоф би можел да отпатува во Русија на 6 или 7 август – последните денови пред новиот рок што САД го поставија за Русија да преземе мерки за ставање крај на војната во Украина.

Трамп повторно предупреди дека ќе воведе санкции ако Москва не се согласи на прекин на огнот до 8 август.
„Ќе има санкции, но се чини дека се доста добри во избегнувањето санкции. Тие се лукави карактери и се мошнр добри во избегнувањето санкции, па ќе видиме што ќе се случи“,
изјави американскиот претседател пред новинарите.
Американскиот претседател минатата недела изјави дека почнувајќи од 29 јули, Русија има 10 дена да ја заврши војната во Украина, што би значело дека крајниот рок истекува на 8 август. Доколку Русија не го стори тоа, како што најави, ќе се соочи со санкции од Соединетите Американски Држави.
Киев и Москва одржаа три рунди директни преговори во Истанбул кои резултираа со размена на затвореници, но без конкретни поместувања во разговорите за окончување на војната која трае повеќе од три години.