„Само 12 мигранти го преживеале бродоломот. Другите се водат како исчезнати и се претпоставува дека се загинати“, вели раководител на Меѓународната организација за миграција (ИОМ) во Јемен
Најмалку 68 мигранти загинаа вчера кога брод со околу 150 луѓе потона покрај брегот на Јемен поради лоши временски услови, пренесува Ројтерс.
Како исчезнати, пак, се водат други 74 лица.

Според Абдусатор Есоев, раководител на Меѓународната организација за миграција (ИОМ) во Јемен, телата на 54 мигранти се исфрлени на брегот во округот Канфар, додека уште 14 тела се пронајдени во околината.
„Само 12 мигранти го преживеале бродоломот. Другите се водат како исчезнати и се претпоставува дека се загинати“,
кажа тој.
Во Јемен се забележува зголемување на бројот на нерегуларни мигранти што пристигнуваат од Африка.
Секоја година мигранти го преминуваат теснецот Баб ал Мандаб, кој ги дели Џибути Еритреја од Јемен, честопати на небезбедни и преполни бродови, надевајќи се дека ќе стигнат до Саудиска Арабија и други земји од Заливот.
Според ИОМ, теснецот е еден од најпрометните и најопасните мигрантски рути во светот.
Минатата година повеќе од 60 илјади мигранти пристигнале во Јемен.