Според опозицијата, не се работи само за катастрофалната организација на ЕМОФ, туку и за катастрофалните резултати на македонските спортски федерации, што го одразуваат општото пропаѓање на спортот за време на оваа влада и на Ристовски како министер
Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) денеска побара министерот за спорт да си поднесе оставка од министерската функција. Причина за тоа, како што велат од опозицијата, е не само поради скандалот со Младинската олимпијада, туку и поради системското уназадување на македонскиот спорт.

„Македонија беше понижена, посрамотена и претставена како земја од 19. век пред очите на меѓународната спортска јавност. Резилот со Младинската олимпијада е најголемиот дебакл во поновата спортска историја на државата“,
велат од СДСМ.
Оваа реакција на партијата следува откако денеска министерот за спорт во интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ), коментирајќи ги обвинувањата за лошата организација на Европските младински олимписки фестивал (ЕМОФ) рече дека Министерството со кое раководи не било организатор на настанот, туку само логистичка поддршка, како и оти тој лично побарал оваа Олимпијада да не се одржува во земјава или, пак, да се редуцира бројот на спортисти учесници.
Според опозицијата, не се работи само за катастрофалната организација на ЕМОФ, туку и за катастрофалните резултати на македонските спортски федерации, што го одразуваат општото пропаѓање на спортот за време на оваа влада и на Ристовски како министер.
„И додека најгордатата влада немала пари за соодветно сместување, вода, превоз, храна, клима-уреди и достоинствени услови за олимпијците, имала за ПР и за маркетинг. Вработени во ПР-компанијата ‘Идеа Лаб‘, чиј сопственик е близок до ВМРО-ДПМНЕ добиле бизниси поврзани со олимпијадата, од маркетинг до менаџмент на социјални медиуми“,
се вели во партиското соопштение.
Човекот што пред неколку месеци, како што велат од СДСМ, ја убедуваше јавноста дека ќе организира најдобра Младинска олимпијада во светот, не може да побегне од одговорноста.
Покрај тоа, СДСМ вели дека е намалена поддршката на спортот на историски најниско ниво.
„Наместо 15 милиони евра субвенции, со релабансот на Буџетот поддршката се намали на 6,7 милиони евра, најмалку досега. Секој клуб, секоја федерација, секој спортист добива 40 отсто помалку директна поддршка. И се уште нема отчет како се распределуваат тие пари“,
пишува во реакцијата од СДСМ.
За обвинувањата од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) дека маркетингот на ЕМОФ го водела фирма чиј сопственик е близок до него, Ристовски вели дека опозицијата нема елементарно познавање од тоа како функционира спортот и како Министерството организира или лобира да добие некоја маркетинг-агенција работа со Олимпискиот комитет, во која тие соработуваат само технички.