Почетокот на Илинденското востание го објавиле камбаните во Крушево на полноќ спроти Илинден 1903 година. Околу 800 востаници го ослободиле градот, а по два дена Никола Карев ја прогласил Крушевската Република и станал нејзин претседател. Слободната Република траела десет дена
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе присуствува на централната манифестација во Крушево, премиерот Христијан Мицкоски ќе положи цвеќе на повеќе локации во Скопје, а потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска, ќе предводи собраниска делегација во Пелинце и во манастирот „Прохор Пчињски“

Со низа свечености и манифестации денеска ќе биде одбележана 122 годишнината од Илинденското востание и Крушевската Република и 81 години од Првото заседание на АСНОМ.
Централната манифестација ќе биде на „Мечкин Камен“ во Крушево, а положување цвеќе ќе има на повеќе локации низ државата.
Во Крушево, одбележувањето ќе почне со положување цвеќе на гробот на Никола Карев и на споменикот на хероите на месноста „Слива“, по што ќе се одржи панихида во храмот „Св. Никола“.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе положи цвеќе и на „Мечкин Камен“, каде ќе има и свое обраќање.
Чествувања ќе се одржат и во Скопје, каде премиерот Христијан Мицкоски ќе положи цвеќе на споменикот на претседателот на Крушевската Република Никола Карев пред зградата на Собранието, на споменикот на АСНОМ во паркот „Жена борец“ и на споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов-Ченто на плоштадот „Македонија“.
Потоа, Мицкоски како партиски лидер ќе предводи делегација на ВМРО-ДПМНЕ во Ташмаруништа, каде што ќе положи цвеќе, заедно со претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Струга и заменик-министерот за правда Ален Деребан и пратеникот Јован Јаулески.
Одбележувањето на 81-годишнината од Првото заседание на АСНОМ ќе се одржи во Меморијалниот центар во Пелинце на која ќе присуствува потпретседателката на Собранието Весна Бендевска.
Државната делегација предводена од потпретседателката на Собранието Бендевска ќе го одбележи 2 Август – Илинден и во манастирот „Прохор Пчињски“, кој има посебно значење во историјата на македонската држава.
Цвеќе пред спомен-обележјата во Крушево, Пелинце и Скопје ќе положат и собраниски делегации, како и делегации на политички партии.
Слободната република траела 10 дена
Почетокот на Илинденското востание го објавиле камбаните во Крушево на полноќ спроти Илинден 1903 година. Околу 800 востаници го ослободиле градот, а по два дена Никола Карев ја прогласил Крушевската Република и станал нејзин претседател. Слободната Република траела десет дена.
Под команда на Бахтијар-паша, 18-илјадна османлиска војска тргнала во акција за враќање на власта во Крушево. Последните истрели на Мечкин Камен и загинувањето на војводата Питу Гули го означиле и крајот на Крушевската Република.
Четириесет и една година по Илинденското востание, во манастирот „Св. Прохор Пчински“ кај Куманово, 115 делегати го одржале Првото заседание на АСНОМ (Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија), на кое е потврдена општествено-правната положба на Македонија како рамноправна федерална држава во рамките на ДФ Југославија.
Заседанието го отворил Панко Брашнаров, најстариот делегат и сведок на двата Илиндена. Избран бил Президиум на АСНОМ, под претседателство на Методија Андонов-Ченто. Заседанието усвоило неколку документи со државотворно значење, меѓу кои и Решението за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава и Декларацијата за основните права на човекот и граѓанинот на демократска Македонија.
Денеска е и голем православен празник кога се слави пророкот Свети Илија. Светиот пророк Илија живеел 900 години пред Исус Христос, роден е во 816 година пред новата ера, зборувал со Господ Исус Христос, што е забележано и во Светото Писмо, сведочел за Св. Троица и за постоењето на вечниот живот.