Животната средина не може да ја зачуваат нестручни и необучени партиски послушници, водени од мотивот да добијат награда за својот ангажман на претстојните локални избори, реагираат од ДОМ

Демократска обнова на Македонија (ДОМ) остро реагира на огласот од Министерството за животна средина за вработување на 11 помлади инспектори во Државниот инспекторат за животна средина на определено време до 31.12.2025 година, со нереален рок за аплицирање од само три дена – до 02.08.2025.
„ДОМ го оценува овој чекор како неприфатлива манипулација пред локалните избори. Со оваа брза и нетранспарентна процедура, спроведувана и за време на државен празник, сериозно се поткопува кредибилитетот на институцијатa“,
се вели во реакцијата на партијата.
Оттаму го прашуваат министерот Минчев дали вака мисли да ја департизира администрацијата.
„Со наместени огласи од партиски војници? Животната средина не може да ја зачуваат нестручни и необучени партиски послушници, водени од мотивот да добијат награда за својот ангажман на претстојните локални избори“,
велат од ДОМ.
Партијата бара итно поништување на огласот и, како што велат оттаму, спроведување на транспарентна, и непристрасна постапка за вработување инспектори.
„Само на тој начин можеме да ја вратиме довербата на граѓаните и да ја заштитиме природата за идните генерации“,
додаваат оттаму.