„Ако Киев сака да ги одложи мировните преговори, тоа не е проблем за Москва, можеме да почекаме“, рече рускиот претседател, чија изјава уследи по коментарот на украинскиот претседател Володимир Зеленски оти вистински преговори се можни само по промената на власта или, како што вели, режимот во Москва
Рускиот претседател Владимир Путин се обиде да ја префрли одговорноста за недостатокот на напредок во мировните преговори за прекин на огнот меѓу двете земји, врз Украина.

„Ако Киев сака да ги одложи мировните преговори, тоа не е проблем за Москва, можеме да почекаме. Ако украинското раководство верува дека сега не е време, дека треба да почекаме, ние сме подготвени да почекаме“,
изјави рускиот претседател за време на средбата со претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко.
Неговата изјава следува по коментарите на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој рече дека вистински преговори се можни само по промената на власта, или, како што вели, режимот во Москва.
Настрана од оваа изјава Путин рече дека разговорите во Истанбул севкупно ги оценува за позитивни, конкретно алудирајќи на постигнатиот договор за меѓусебна размена на војници и цивили. Рече дека ги поддржува разговорите со Украина, но оти очекувањата не треба да бидат големи.
„Како што е познато, сите разочарувања произлегуваат од прекумерни очекувања. Но, за да се постигне мирно решение, потребни ни се тивки, а не јавни разговори, во тишината на преговарачкиот процес“,
изјави рускиот претседател.
Изјавата на Путин доаѓа во момент кога американскиот претседател Доналд Трамп го зголеми притисокот врз Москва најавувајќи санкции доколку не се постигне напредок во преговорите до 8 август.