Остануваме целосно посветени на финализирање на договор што ќе ги отстрани преостанатите трговски бариери и ќе создаде долгорочни придобивки за двете економии, вели шефот на македонската дипломатија

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски е задоволен од одлуката на САД за намалување на царинската стапка за Македонија од претходните 33 на 15 отсто.
„Овој чекор претставува важен поттик за продлабочување на економската соработка меѓу двете земји и јасен сигнал за градење на поамбициозно трговско партнерство. Иако преговорите за сеопфатен договор за тарифна либерализација сè уште се во тек, оваа одлука е конкретен доказ за заедничката посветеност на отворање нови можности за нашите извозници, компании и економијата во целина. Остануваме целосно посветени на финализирање на договор што ќе ги отстрани преостанатите трговски бариери и ќе создаде долгорочни придобивки за двете економии“,
објави министерот.
Претходно денеска и премиерот Христијан Мицкоски им се заблагодари на Соединетите Американски Држави (САД) за намалување на царинските стапки, но истовремено изрази очекување во наредниот период тие дополнително да се намалат.
Тој најави продолжување на преговорите со американската администрација по летните одмори, во втората половина на август.
Од земјите од регионот, со царинска стапка од 15 проценти ќе бидат и Хрватска и Словенија, производите од Србија ќе се царинат со 35 отсто, од Босна и Херцеговина со 30 отсто. Најниска царина ќе има Црна Гора – 10 отсто. Царинска стапка од 10 отсто ќе има и Албанија.
Оние земји што не се наоѓаат на списокот, наречен од Белата куќа како Анекс 1, ќе се царинат со 10 отсто.
Од европските земји најсилно е погодена Швајцарија, со стапка од 39 отсто.
Од позначајните трговски партнери со САД, Канада доби царинска стапка од 35 отсто, Тајван од 20 отсто, Израел од 15 отсто, Јужна Африка од 30 отсто, Венецуела од 15 отсто, економиите од југоисточна Азија, како Камбоџа, Малезија и Тајланд добија 19 отсто, додека Лаос и Мјанмар – 40 отсто.
Царина од 15 отсто САД ќе имаат и со Европската Унија, со која склучија трговски договор на 27 јули годинава.