СДСМ обвинува дека со законските измени ќе се укине професионализмот во полицијата, која на тој начин ќе биде под директна команда на министерот за внатрешни работи

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се консултира за законите за полиција и МВР, за кои денеска СДСМ побара таа да не става потпис бидејќи, меѓу другото, според нив, се овозможува преголемо дискреционо право на министерот за назначувања на раководни позиции и се брише условот за определен стаж при унапредување.
„Вака на претпоставки не можам да ви кажам. Знам за нивното барање, го добив законот, ќе го прочитам, а доколку е тоа така, се разбира, ќе размислам за потпишувањето“,
кажа Сиљановска-Давкова на новинарско прашање, по денешната седница на Советот за безбедност.
СДСМ обвинува дека со законските измени ќе се укине професионализмот во полицијата, која на тој начин ќе биде под директна команда на министерот за внатрешни работи.
„Со новите т.н. закони, министерот Тошковски добива неограничена моќ и значително проширени дискрециони овластувања. Сега, тој ќе може да предлага директор на Бирото за јавна безбедност, од најшироките области на општествени науки, што е невиден преседан што цели кон целосно хендикепирање на професионализмот во Министерството за внатрешни работи. Сега тој сам ќе може да поставува началници на Сектори за внатрешни работи и командири, без да исполнуваат основни критериуми за стаж, без да имаат искуство или претходно постигнати резултати. Се бришат и основните професионални критериуми за раководни позиции, што отвора широк простор за инсталација на партиски кадри без соодветно оперативно искуство“,
рече потпретседателката на СДСМ, Ана Чупеска.
Според неа, од законите е избришан условот со кој се предвидуваат извесен број на години на искуство и стаж за напредување на највисоките раководни позиции, што, практично, како што рече, значи дека началник може да стане кој било, дури и приправник.
Загрижувачки, како што рече Чупеска, се и одредбите кои отвораат простор за масовно следење преку биометриски податоци, како и одредбата со која се отвора простор полициски службеници што се осудени со правосилна пресуда за кривични дела кои предвидуваат минимум шест месеци затвор, да може да бидат вработени на раководни позиции во Министерството.
Претходно, и Левица обвини дека се воведува и нова функција – заменик-директор на Бирото за јавна безбедност, која нема да служи за професионализацијата, туку само за „задоволување на теснопартиските интереси и коалиционите апетити“.
Тие предупредија и на намалените критериуми за избор на директор, со тоа што се бришат одредбите кои бараат соодветно образование од областа на безбедноста, правото или економијата.