Од владејачката партија велат дека е лицемерно СДСМ да зборува за личен бенефит, затоа што партијата ја претворила Владата во приватна фирма

Наместо да сфатат дека проблемот е во нив, СДСМ покажува дека не трпи пораз ниту вистина. Лицемерно е што мислат дека се работи за личен бенефит, реагира ВМРО-ДПМНЕ на изнесениот став од страна на опозициската СДСМ за спојувањето на професорот и архитект Мишко Ралев со кандидатот за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
„СДС наместо да се запраша зошто сè повеќе луѓе ги напуштаат, тие продолжуваат со навреди и омаловажувања. Но, проблемот не е во оние кои си заминуваат, проблемот е во СДС. Според ова, секој што не е со нив, тоа го прави поради личен бенефит. Што е навреда и потценување на народот. И е навреда за сите, освен за оние нивни 6 проценти поддржувачи“,
стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата велат дека е лицемерно СДСМ да зборува за личен бенефит, затоа што партијата ја претворила Владата во приватна фирма кога претседател беше Зоран Заев, а Венко Филипче бил симбол на „здравствени тендери со мирис на скандал“.
ВМРО-ДПМНЕ во истото соопштение ги обвинува и Димитар Ковачевски, Миле Зечевиќ, Бојан Маричиќ, Љупчо Николовски и Оливер Спасовски дека служеле како извршители во рушењето на правниот поредок и ја деградирале демократијата.
„А сега, навредуваат секој што не сака повеќе да биде дел од нивниот хаос. Не постои поголем комплимент за некој човек од тоа СДС да го нападне. Затоа што ако СДС ве мрази, значи дека нешто вредите“,
се вели во соопштението.
Сето ова следи откако градоначалникот Орце Ѓорѓиевски објави заедничка фотографија со деканот на факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот „Американ колеџ“-Скопје, Мишко Ралев.

Под фотографијата Ѓорѓиевски напиша:
„Голема чест и искрена благодарност до професорот Мишко Ралев што се приклучува во мојот тим за поубаво Скопје. Со своето богато искуство, визија и интегритет, тој претставува силна поддршка и уште поголема мотивација за нас. Академската заедница и научно-истражувачката дејност на реномираните професори секогаш ќе имаат отворена врата и заслужено место во визијата за напредно и современо Скопје. Заедно ќе работиме Скопје повторно да го направиме достоинствен град — град на идеи, вредности и иднина!“.
На оваа информација опозициската СДСМ изнесе став дека Ралев влегол во политиката за личен интерес.
„Дилови со Орце Ѓорѓиевски, кој е класичен избор на партиската олигархија на ВМРО-ДПМНЕ, ние нема зошто да толкуваме. Може само да констатираме дека за жал станува очигледно дека мотивите за неговиот ангажман во политиката биле на ниво на личен пазар“,
велат од СДСМ.
Професорот Мишко Ралев беше во потесниот избор на СДСМ за кандидат за градоначалник на Град Скопје, пред да биде објавена одлуката дека партијата на локалните избори ќе настапи со поранешната министерка, Каја Шукова.
Ралев е истакнат критичар на проектот „Скопје 2014“, кој го градеше владата на ВМРО-ДПМНЕ додека премиер беше Никола Груевски.