Според ОЈО ГОКК, од крајот на 2023 до февруари 2025 година, првообвинетиот на македонска и српска територија создал група на која припадници станале другите обвинети – македонски државјани и шест српски државјани за кои постапката се води во Република Србија
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) поднесе обвинителен акт против шест лица осомничени дека како дел од злосторничка група сториле кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството.

На петмина им се става на товар кривичното дело фалсификување пари, додека првообвинетиот и уште едно лице се обвинети и за кривично дело – правење, набавување или отуѓување средства за фалсификување.
Според ОЈО ГОКК, од крајот на 2023 до февруари 2025 година, првообвинетиот на македонска и српска територија создал група на која припадници станале другите обвинети – македонски државјани и шест српски државјани за кои постапката се води во Република Србија.
„Првообвинетиот неовластено набавил и држел опрема и материјали за правење на лажни банкноти – евра во апоени од 20, 50, 100 и 200 евра, кои припадниците на групата ги дистрибуирале до заинтересираните купувачи во Република Србија по цена од 25-30 отсто од номиналната вредност на вистинските банкноти. Шестообвинетиот неовластено изработувал машини и делови за правење лажни пари и истите ги одржувал. Од јуни 2024 година до јануари 2025 година, 114 150 лажни евра, групата ги продала за 42 400 евра“,
се вели во соопштението од ОЈО ГОКК.
Со обвинителниот акт, Обвинителството бара и продолжување на мерката притвор.