„Од земјите во соседството Србија има 35 отсто, Босна и Херцеговина 30 отсто, додека Швајцарија има 39 отсто. Ние како Македонија сме во иста група со Израел, Норвешка, Европската Унија“, кажа премиерот
Премиерот Христијан Мицкоски денеска им се заблагодари на Соединетите Американски Држави (САД) за намалување на царинските стапки кон земјава, од 33 на 15 отсто, но истовремено изрази очекување во наредниот период тие дополнително да се намалат.
Најави продолжување на преговорите со американската администрација по летните одмори, во втората половина на август.

Одговарајќи на новинарско прашање за намалените царински стапки од страна на САД кон земјава, рече дека ова е прва фаза и оти преговорите продолжуваат.
„Од она што го видовте како соопштение од страна на кабинетот на претседателот на САД, Доналд Трамп, ова е прва фаза. Ова не е договор, бидејќи тој кажа дека до 1 август ќе ги објави новите царински стапки, но тоа не се царини, туку трговски маржи. Ние сме од 33 отсто намалени на 15 отсто. Преговорите продолжуваат. Во моментот се наоѓаме во една условно кажано пауза. Веднаш после годишните одмори што ќе ги користи администрацијата во кабинетот на Трамп и канцеларијата на трговскиот претставник на САД, но и нашата администрација во министерството и институциите, очекуваме во втората половина на август да продолжиме со преговорите“,
рече тој при денешната посета на реконструираната Клиника за уво, нос и грло.
Изрази оптимизам дека тарифите ќе одат уште подолу, изразувајќи благодарност кон САД што ја коригираа тарифата од 33 на 15 отсто.
„Од земјите во соседството Србија има 35 отсто, Босна и Херцеговина 30 отсто, додека Швајцарија има 39 отсто. Ние како Македонија сме во иста група со Израел, Норвешка, Европската Унија“,
кажа премиерот.
Со новата извршна наредба што синоќа ја потпиша американскиот претседател Доналд Трамп за воведување царини за речиси сите земји што досега немаат трговски договор со САД, царинската стапка за Македонија од претходните 33 отсто е намалена на 15 отсто.
Од земјите од регионот, со царинска стапка од 15 проценти ќе бидат и Хрватска и Словенија, производите од Србија ќе се царинат со 35 отсто, од Босна и Херцеговина со 30 отсто. Најниска царина ќе има Црна Гора – 10 отсто. Царинската стапка од 10 отсто ќе има и Албанија.
Царина од 15 отсто САД ќе имаат и со Европската Унија, со која склучија трговски договор на 27 јули годинава.
Трамп на почетокот на април годинава, првично објави царинска стапка за македонските производи од 33 отсто.
Трамп во април годинава, првично објави царинска стапка за македонските производи од 33 отсто.
Новите американски царини ќе стапат на сила на 7 август, а не на 1 август, со цел да се обезбеди повеќе време за нивно спроведување.