Професорот Ралев, кој е поранешен претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ), се спомнуваше во јавноста како можен кандидат на СДСМ за првата позиција во Град Скопје

Деканот на факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот „Американ колеџ“-Скопје, Мишко Ралев, од денес е дел од тимот на кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави градоначалникот.
„Голема чест и искрена благодарност до професорот Мишко Ралев што се приклучува во мојот тим за поубаво Скопје. Со своето богато искуство, визија и интегритет, тој претставува силна поддршка и уште поголема мотивација за нас. Академската заедница и научно-истражувачката дејност на реномираните професори секогаш ќе имаат отворена врата и заслужено место во визијата за напредно и современо Скопје. Заедно ќе работиме Скопје повторно да го направиме достоинствен град — град на идеи, вредности и иднина!“,
објави Ѓорѓиевски на Фејсбук со заедничка фотографија со Ралев.
Инаку Ралев, кој е поранешен претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ), се спомнуваше во јавноста како можен кандидат на СДСМ за првата позиција во Град Скопје пред да биде објавена одлуката дека СДСМ на локалните избори ќе се натпреварува со поранешната поранешна министерка за животна средина и просторно планирање Каја Шукова.
Дека Ралев дефинитивно беше во потесниот круг, потврди и самиот неодамна во интервју за „Локално“.
Тој рече дека бил поканет од Венко Филипче да се кандидира за местото градоначалник на Скопје со нивна поддршка и дека ја прифатил поканата.
„По сериозно размислување и консултација со моето семејство, јас позитивно одговорив на таа покана. Една од причините вие веќе ја наведовте, а тоа е мојата професија – архитект и професор, а секако и мојот однос кон родниот град напластен низ генерациите на моето старо скопско семејство“,
изјави Ралев за „Локално“.
Професорот Мишко Ралев е истакнат критичар на проектот „Скопје 2014“, кој го градеше владата на ВМРО-ДПМНЕ додека премиер беше Никола Груевски.