Денес е ден на жалост во Киев по бомбардирањата во четвртокот, кои беа меѓу најсмртоносните во главниот град откако Русија ја започна својата голема офанзива во февруари 2022 година
Бројот на жртви од руските воздушни напади врз Киев во четвртокот се искачи на 26, вклучувајќи три деца, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи на Украина.

Бројот на жртви од нападите со беспилотни летала и ракети претходно беше проценет на 16, вклучувајќи две деца.
„Во текот на ноќта и утрото спасувачите извлекоа 10 тела, вклучувајќи едно двегодишно дете, од урнатините на станбена зграда во населбата Свјатошински“,
соопшти министерството на својот профил на Телеграм, додавајќи дека 159 лица, од кои 16 деца, се повредени во бомбардирањата.
Украина повторно беше цел на напади во текот на ноќта во петокот. 63-годишен маж беше убиен кога граната погоди куќа во градот Веселјанка во источниот регион на Запорожје, објави на Телеграм шефот на регионалната воена администрација, Иван Федоров.
Денес е ден на жалост во Киев по бомбардирањата во четвртокот, кои беа меѓу најсмртоносните во главниот град откако Русија ја започна својата голема офанзива во февруари 2022 година.

Володимир Зеленски го осуди нападот организиран од Москва и повика на промена на режимот во Русија.
Доналд Трамп го нарече овој последен бран руски напади одвратен. Тој потврди дека ќе воведе санкции врз Русија, велејќи:
„Не знам дали ќе има влијание, но ќе има“.
Трамп му даде на Владимир Путин 10 дена од вторник да го прекине вооружениот конфликт – најголемиот во Европа од крајот на Втората светска војна – кој остави десетици, ако не и стотици, илјадници мртви од двете страни.