По Твитер, и социјалната платформа Снепчет одлучи да му го ограничи пристапот на американскиот претседател Доналд Трамп, и да го стопира објавувањето на видеата што американскиот претседател ги користи за самопромоција, соопшти американската компанија „Снеп“, која е сопственик на апликацијата.
Американските медиуми објавија дека одлуката на Снепчет била ограничена, односно дека видеата на претседателот веќе нема да бидат прикажувани во рубриката „Разоткривање“, во која се објавуваат вести и видеа на познати личности.
Профилот на Трамп на Снепчет и натаму ќе остане активен и видлив за секој што сака да го посети, но новите видео содржини нема да бидат објавувани.
Со оваа одлука, компанијата „Снеп“ застана зад Твитер, која својата кампања против Трамп ја доведе до точка на вжештување.
Кон крајот на минатиот месец, Твитер прво го предупреди, а потоа и му забрани неколку твитови на Трамп кои ги оквалификува како дезинформации, по што Трамп потпиша извршна наредба со која ги задолжи извршните институции, вклучително и Федералната комисија за комуникации и Федералната комисија за трговија, да испитаат дали на компаниите кои поседуваат социјални мрежи можат да им се воведат нови деловни правила.