Еден од кандидатите што е пријавен на конкурсот за народен правобранител е и шефот на кабинет на претседателот на Собранието, Дритон Небиу, кој денеска на брифингот со новинарите потврди дека се кандидирал и кажа дека со своето 18-годишно како правник и 15-годишно искуство во Собранието како меѓународен консултант и магистер по човекови права, смета дека ги исполнува условите за оваа позиција

Локалните избори ќе се распишат во првата половина на август, ќе се чека до крајниот законски рок со цел да се остави простор да се пополнат испразнетите места на народниот правобранител и на претседател на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), изјави денеска претседателот на Собранието, Африм Гаши. Доколку Комисијата за прашања на изборите и именувањата денеска донесе предлог-одлука за избор на народен правобранител и се постигне договор, имајќи предвид дека за оваа функција е потребено гласање и со Бадентер, како што рече Гаши, тој би можел да свика итна седница уште денеска.
„Оваа тема ќе биде предизвик за нас како Собрание. Првата процедура што се однесува до народниот правобранител веќе е започната. Имавме јавен оглас, имаме 17 кандидати за таа позиција. Денеска требаше да заседава Комисијата за избори и именување и ако тие одлучат за име за кое би се сложиле со таа одлука, би можеле да свикаме пленарна седница да одлучиме за тоа име. Ако не, ќе треба да почекаме подобри времиња и усогласеност околу тоа кој ќе биде кандидат или кој ќе биде избран за народен правобранител“,
рече Гаши.
Еден од кандидатите што е пријавен на конкурсот за народен правобранител е и шефот на кабинет на претседателот на Собранието, Дритон Небиу, кој денеска на брифингот со новинарите потврди дека се кандидирал и кажа дека со своето 18-годишно како правник и 15-годишно искуство во Собранието како меѓународен консултант и магистер по човекови права, смета дека ги исполнува условите за оваа позиција. Небиу рече дека негова лична одлука била да се пријави на огласот за народен правобранител.
Што се однесува до Антикорупциската комисија, претседателот на Собранието кажа дека денеска ќе биде распишан јавен оглас за претседател на ДКСК.
„Собранието во рок од десет дена треба да распише оглас. Ние тоа ќе го направиме денеска за да се стигнат тие рокови. И сега ќе видиме како тоа правно ќе треба да го анализираме затоа што не се одредбите до крај прецизни дали можеме во време кога се распишани избори да се направи избор или да се назначи претседател за спречување на Комисијата или, пак, народен правобранител“,
изјави Гаши.
Претседателот на Собранието, Гаши, на Илинден нема да се обрати на Пелинце од здравствени причини и најави дека тоа ќе биде еден од потпретседателите на Собранието.
Пратениците на одмор ќе заминат од 4 до 22 август, но претседателот на Собранието потсети дека Законодавниот дом е во постојано заседание и дека доколку е потребно, тие ќе бидат повикани на седница и за време на одморот.