Покрај тоа, како што пренесува Ројтерс, договорено е и Јужна Кореја да инвестира 350 милијарди долари во САД и да купи американски енергетски производи во вредност од 100 милијарди долари
Соединетите Американски Држави (САД) ќе воведат царина од 15 отсто на увозот од Јужна Кореја. Ова е исходот од постигнатиот трговски договор меѓу двете земји, соопшти американскиот претседател Доналд Трамп.
Договорот е објавен откако Трамп се сретна со корејски претставници во Белата куќа.

Покрај тоа, како што пренесува Ројтерс, договорено е и Јужна Кореја да инвестира 350 милијарди долари во САД и да купи американски енергетски производи во вредност од 100 милијарди долари.
Увозот од Јужна Кореја, голем извозник на компјутерски чипови, автомобили и челик, претходно се соочи со царина од 25 отсто.
„Со задоволство објавувам дека Соединетите Американски Држави се согласија на целосен и сеопфатен трговски договор со Република Кореја“,
напиша Трамп на Трут соушл.
Разговорите претставуваа тест за јужнокорејскиот претседател Ли Џе Мјунг, кој ја презеде функцијата во јуни по предвремените избори.
Тој рече дека договорот ја отстранил неизвесноста во извозната средина и ги поставил американските царини на или под истото ниво како и главните конкуренти.
„Надминавме голема пречка“,
напиша тој на социјалните мрежи.
Трамп изјави дека Јужна Кореја се согласила да инвестира 350 милијарди долари во САД преку проекти што тој лично ќе ги избере, како и дека ќе купи течен природен гас и други енергетски производи во вредност од 100 милијарди долари.
Двете ставки беа главни приоритети на Трамп во другите трговски договори.
Трамп, исто така, рече дека Јужна Кореја ќе прифати американски производи, вклучувајќи автомобили, камиони и земјоделски производи, без увозни царини.
Министерот за трговија на САД, Хауард Лутник, соопшти дека купувањата енергетски производи од Јужна Кореја ќе се реализираат во текот на следните три и пол години.
Според договорот, САД, исто, ќе ги намалат царините за корејските автомобили од 25 проценти на 15 проценти, а полупроводниците и фармацевтските производи нема да бидат третирани построго од оние од други земји.
Челикот, алуминиумот и бакарот не се опфатени со новиот договор, па затоа американските царински стапки за тие производи ќе останат непроменети.
Иако оризот и говедското месо останаа спорни теми за време на разговорите, Јужна Кореја не се согласи дополнително да ги отвори своите пазари во тие сектори.
Притисокот врз Јужна Кореја порасна откако Јапонија постигна договор за намалување на царините на Трамп на 15 отсто.
Во текот на преговорите за постигнување договор, јужнокорејскиот „Самсунг електроникс“ потпиша договор за снабдување со чипови од 16,5 милијарди долари со „Тесла“.
Опозициската Партија на народната моќ (ППП) на Јужна Кореја соопшти дека владата побрзала да постигне договор за царини со Вашингтон и направила бројни отстапки согласувајќи се на големи инвестиции во Соединетите Држави.