Ваквите напади во Кина во последните години се чести, а жртви во најголем број се деца
Најмалку 40 лица се повредени утринава во напад со нож во основно училиште во јужниот дел на Кина, објавија локалните медиуми.
Нападот се случил во училиште во градот Вужоу во автономниот регион Гуангкси, објави весникот „Глобал тајмс“ на Твитер.
Осомничениот е 50-годишен маж, кој работел како чувар во училиштето, пренесуваат кинеските државни медиуми. Тој е приведен од полицијата и засега не е позната причината за нападот.
Според наводите на локалната влада, 37 деца и неколкумина возрасни лица се здобиле со повреди од различен степен. Меѓу повредените е и директорот на училиштето и еден припадник на обезбедувањето.
Кинеската телевизија ЦЦТВ објави дека тројца од повредените се наоѓаат во тешка состојба.
Насилните злосторства во Кина се ретки во споредба со многу други земји, особено во големите градови, каде што безбедноста е на повисоко ниво, меѓутоа во изминатите години се случија серија напади со нож и со секира, а многу жртви од нив беа деца.
Напаѓачите најчесто користат ножеви бидејќи контролата на оружје во Кина е исклучително строга.
Сторителите на таквите напади најчесто се лица со психички проблеми.