Бислимоски посочи дека РКЕ во февруари испратила барање за процена на основните средства за дејноста производство до Бирото за процена, но, како што рече, до денес го немаат добиено извештајот за процена и поради тоа не може да се направи финална пресметка
Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе одлука со која продолжуваат да важат актуелните цени за топлинска енергија во Скопје се до донесување на нова одлука. Тоа, како што објасни претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, значи дека нема да има никаква промена на цената на топлинската енергија на трите система во градот Скопје.

„РКЕ изврши длабинска анализа на доставените податоци за работата на компаниите кои вршат производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија во градот Скопје. Констатиравме дека за донесување на одлука која ќе ги рефлектира во целост реалните трошоци на сите регулирани дејности, посебно производство на топлинска енергија, дополнително е потребна проценка на вредноста на основните средства – топланите кои се во сопственост на една компанија, а се дадени под закуп на ‘ЕСМ производство на топлинска енергија’“,
рече Бислимоски.
Бислимоски посочи дека РКЕ во февруари испратила барање за процена на основните средства за дејноста производство до Бирото за процена, но, како што рече до денес го немаат добиено извештајот за процена и поради тоа не може да се направи финална пресметка.
„Со цел овозможување на еднаков третман на сите потрошувачи на топлинска енергија на територијата на град Скопје, РКЕ донесе одлуки да продолжат да важат истите тарифи, односно сметките за парно не се менуваат, се до нова одлука за сите три компании, односно и за ЕСМ енергетика и ‘Скопје Север’“,
рече Бислимоски.
Тој очекува до септември или октомври Бирото за процена да ја достави процената на основните средства за производство на топлинска енергија, односно топланите кои се во сопственост на „Адора инженеринг“, а со нив управува ЕСМ Производство, по што РКЕ ќе донесе нова одлука за цената за производство на топлинска енергија за сите претпријатија кои вршат регулирана дејност производство на топлинска енергија која најмногу ќе зависи од цената на природниот гас на берзите. Во моментов, како што кажа претседателот на РКЕ, цената на природниот гас е за едно до две евра пониска од онаа што беше при носењето на одлуката во јануари.
Со последната одлука од 1 февруари цената за потрошувачите на топлинска енергија во Скопје беше зголемена за 5,03 отсто, како резултат на зголемената цена на природниот гас на светските берзи за 16 отсто во последниот квартал од 2024 година.