„Ќе продолжиме будно да го следиме процесот на реализација на овој спомен-парк и ќе бараме целосни гаранции за неговата суштинска вредност, институционален интегритет и достојно почитување на жртвите, далеку од секоја политичка калкулација и исклучиво во функција на вистината и правдата што недостасува веќе четири години“, се вели во соопштението од оваа Иницијатива
Ја поздравуваме одлуката на Општина Тетово и Министерството за здравство за прифаќање на нашето барање за изградба на јавен спомен-парк на просторот каде што се случи трагедијата во модуларната болница во Тетово, соопштија денеска од Иницијативата „Нула“.

Оттаму велат дека овој парк треба да претставува простор на сеќавање во чест на 14-те жртви, во знак за поддршка на нивните семејства што се уште бараат правда, но и како потсетник за едно општество што одбива да заборави.
Сепак, од оваа Иницијатива предупредуваат политичарите да не го користат настанот за означување на почетокот на изградбата на меморијалниот парк за прибирање политички поени, токму пред локалните избори.
„Денешниот јавен настап за најавување на изградба на Меморијалниот парк, организирана преку прес-конференција на министерот за здравство Азир Алиу, заменик-претседателот на Владата, Арбен Фетаи и градоначалникот на Општина Тетово, Билал Касами, на само два месеци пред локалните извори предизвикува сериозни сомнежи во однос на вистинските политички намери“,
се вели во соопштението од Иницијативата „Нула“.
Ако оваа активност има за цел да искористи една трагедија за политички поени, според „Нула“ би било целосно неприфатливо и длабоко недостојно, особено кога станува збор за трагедија што зад себе остави длабока болка, недоверба кај граѓаните и семејства што се уште не виделе вистинска правда.
„Ќе продолжиме будно да го следиме процесот на реализација на овој спомен-парк и ќе бараме целосни гаранции за неговата суштинска вредност, институционален интегритет и достојно почитување на жртвите, далеку од секоја политичка калкулација и исклучиво во функција на вистината и правдата што недостасува веќе четири години“,
пишуваат од оваа Иницијатива.
Според најавите од Министерството за здравство, министерот Азир Алуи денеска ќе го означи почетокот на изградбата на Меморијалниот парк за жртвите од пожарот во модуларната болница во Тетово.
На настанот се очекува да присуствуваат и вицепремиерот за политики и добро владеење Арбен Фетаи и градоначалникот на Тетово, Билал Касами.
Пожарот во модуларната болница во Тетово се случи на 8 септември 2021 година и во него животот го загубија 14 лица, а десетина беа повредени.