Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, додаде дека Русија останува посветена на мировен процес за решавање на конфликтот околу Украина, но и за обезбедување на своите интереси во текот на процесот
Еден ден откако американскиот претседател Доналд Трамп најави дека ќе го скрати рокот за прекин на огнот во Украина, што му го даде на рускиот претседател Владимир Путин, денеска по однос на ова прашање се огласи официјална Москва. Оттаму кусо наведоа дека ја забележале изјавата на Трамп.

Прашан да ја коментира изјавата на Трамп, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави:
„Ја забележавме вчерашната изјава на претседателот Трамп. Специјалната воена операција продолжува“.
Песков додаде дека Русија останува посветена на мировен процес за решавање на конфликтот околу Украина, но и за обезбедување на своите интереси во текот на процесот.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера најави дека ќе го скрати рокот за прекин на огнот во Украина што му го даде на рускиот претседател. Од првично најавените 50 дена, новопоставениот рок е 10-12 дена. Рече дека е многу разорачан од Путин и дека нема причина да се чека дополнително оти нема никаков напредок.
На неговата најава реагираше заменик-претседателот на Советот за безбедност на Руската Федерација, Дмитриј Медведев, оценувајќи дека Трамп ја игра „играта на ултиматум“ со Русија и дека таков пристап би можел да доведе до војна во која би биле вклучени и САД.