Пратениците од СДСМ и од Левица нагласуваат дека полицијата мора да остане професионална, непартизирана и во служба на граѓаните. Секој чекор спротивен на тоа, според нив, е удар врз демократијата, безбедноста и иднината на државата
СДСМ смета дека предложените измени на Законот за полиција, кои денеска се на второ читање во Собранието, претставуваат „скандалозен обид за партизирање на полицијата и претворање на Министерството за внатрешни работи во партиска милиција под команда на Тошковски.
„Ги повикуваме пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да се освестат и да не гласаат за законот затоа што и тие ќе бидат следни на удар на системот што сега слепо го поддржуваат. Како што никој не беше поштеден во времето на Груевски, така и сега Тошковски подготвува режим во кој секој што нема да слуша ќе биде уценет, притиснат, замолчен“,
вели пратеникот од СДСМ, Миле Талески.
Тој апелираше и до домашните и меѓународните организации да го спречат донесувањето на измените.
„Ги повикуваме Хелсиншкиот комитет, Канцеларијата на ЕУ, ОБСЕ, невладините организации, странските амбасади, сите демократски држави и целата демократска јавност итно да реагираат на овие опасни и режимски политики“,
рече Талески на денешната прес-конференција.
СДСМ, преку Талески, предупреди дека станува збро за безбедносна, демократска и институционална криза во најава бидејќи, како што истакна, законот „директно го напаѓа безбедносниот систем, институциите и граѓаните – се руши професионалноста, се укинуваат критериумите за образование и искуство, а се отвора вратата за вдомување на партиски војници“.
Талески оцени дека не станува збор за реформа, туку дека Панче Тошковски врши реставрација на груевизмот.
„Класичен режимски план за создавање на параполициски апарат, алатка за притисок, закани и политички прогон. План за враќање на времето на ‘МВРО’ и апсолутна партиска контрола, кога полицијата беше во функција на партијата, а не на граѓаните“,
нагласи Талески.
Исто така, од СДСМ сметаат дека укинувањето на регионалните гранични центри е „директен ризик за границите“, а бришењето на полициските податоци – „обид за прикривање злоупотреби и криминал“ а зголемувањето на старосната граница за вработување е механизам за вдомување партиски кадри.
„Полицијата мора да остане професионална, непартизирана и во служба на граѓаните. Секој чекор спротивен на тоа е удар врз демократијата, безбедноста и иднината на државата,“
заклучи тој.
Во текот на комисиската расправа против предложените измени реагираше и Левица. За нив, со ова законско решение се врши директна деградација за вработените во МВР. Според Левица, со предлог-измените се брише клучниот услов за работно искуство при поставување началник на Сектор за внатрешни работи:
„Со новиот предлог-закон за полицијата се брише став 2 од член 22, кој предвидува дека за началник на сектор може да биде назначено лице со најмалку шест години работно искуство, од кои четири на раководно место. Единствен услов за напредување ќе биде партиската послушност и потчинетост“,
сметаат пратениците од Левица.
Дополнително, Левица обвини дека воведувањето нова функција – заменик-директор на Бирото за јавна безбедност – не служи на професионализацијата, туку само за „задоволување на теснопартиските интереси и коалиционите апетити“.
Тие предупредија и на намалените критериуми за избор на директор, со тоа што се бришат одредбите кои бараат соодветно образование од областа на безбедноста, правото или економијата.
„Во предлог-измените останува прешироката формулација дека доволно е директорот да има високо образование од областа на општествените науки, што е недозволиво кога се работи за професионалност на безбедносните служби“,
велат од Левица.
Оттаму заклучуваат дека постои јасна тенденција за брутална партизација на полицијата и создавање нов авторитарен режим.
„Полицијата, која наместо да биде гарант на безбедноста на граѓаните, ќе се трансформира во партиски орган кој ќе биде диригиран од тесните интереси на власта“,
велат од Левица.