На состанокот е потенцирано отежнатото справување со огнот, кој тешко се контролира поради променливиот ветар, големите шупливи дрвја од минатите пожари како и непристапниот терен
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, вечерва учествува на состанок на Штабот за заштита и спасување на Општина Берово во врска со пожарите во Беровско.

Од ДЗС информираат дека на состанокот, со кој раководи беровскиот градоначалник Звонко Пекевски, се разгледуваат повеќе опции за рано изутрина со комбинирани сили, соодветна механизација и воздухоплови да се делува на пожарот кој е активен на планината над селото Русиново.
Потенцирано е отежнатото справување со огнот, кој тешко се контролира поради променливиот ветар, големите шупливи дрвја од минатите пожари како и непристапниот терен.
Според извештајот на ЦУК, во пожарот во Беровско, кој и натаму е активен, се зафатени нискостеблеста шума, смрека, грмушки и ниска вегетација.
Претходно денеска Ангелов најави дека утре во земјава ќе пристигне помош од Чешка и Словенија која вклучува 50-ина словенечки пожарникари и специјални возила кои ќе помагаат за гасење на пожарот во Беровско.