Пратеникот и потпретседател на СДСМ Мухамед Зекири, неговата сопруга и ќерка кои се позитивни на ковид-19 се префрлени во болница, информира министерот за здравство Венко Филипче.
Министерот рече дека тие се во добра здравствена состојба и имаат само висока температура.
„Се тестираат луѓе во таа група, тој кластер. Дел од резултатите беа готови, дел од тие контакти кои Центарот за јавно здравје ги идентифиукуваше, не само за него, туку и за сите други семејства, четири-пет во таа општина се делумно готови, а дел ќе бидат готови денеска и со тоа ќе се заокружат три четвртини од тој кластер во таа Општина. Мухамед е хоспитализиран, исто и сопругата и малата Дарија и се во добра здравствена состојба, имаат стабилна форма на болеста и имаат само висока температура“,
изјави Филипче.
Поради контакт со Зекири голем број членови на СДСМ беа испратени во самоизолација, како и новинарката Душица Мрѓа од Телевизија 24, каде Зекири гостувал во дебатна емисија заедно со Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ.
